ВМРО-ДПМНЕ и за овие избори ги пружила нозете повеќе од должината на чергата. Повторно, по дупката од 3 и пол милиони на последните парламентарни избори, и за овие владеачката ВМРО – ДПМНЕ има дупка, овој пат од милион и 399 илјади евра во буџетот за финансирање на кампањата .
Ова го покажува извештајот на Транспаренси интернешнл Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ собрале 6.7 милиони денари или околу 110 илјади евра, а нивните расходи изнесуваат околу 92 милиони денари или околу 1.5 милиони евра.
Разлика помеѓу средства со кои се располага и средства кои се трошат е повекекратна.
Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл Македонија вели дека е очигледна разликата помеѓу средства со кои се располага и средства кои се трошат.
Пари непокриени од изворите на финансирање употребени за предизборната кампања има и владеачката ДУИ каде на сметката има минус од 13 илјади евра, но каде е забележан најголем износ на собрани пари за кампањата од сите партии 216 илјади евра.
Повеќе од собраното потрошила и партијата на Руфи Османи НДП, каде е евидентиран минус од околу 14 илјади евра.
Опозициските СДСМ, ДПА и ЛП за кампањите потрошиле во рамки на собраните пари.
Извештајот на СДСМ, пак, покажал дека на оваа партија и останале пари за трошење – приходи од 15 милиони денари (240 илјади евра), а расходи 13 милиони денари (220 илјади евра). СДСМ треба да достави уште еден извештај.
Извештајот на Транспаренси покажува и дека за локалните избори ВМРО – ДПМНЕ дала најмногу пари за рекламирање во медиумите каде се потрошени 389 илјади евра, што е четири пати повеќе од колаицискиот партнер ДУИ кои за рекламирање дале 136 илјади евра, а во однос на СДСМ гдала 20 пати повеќе пари, бидејќи СДСМ според Транспаренси за маркетинг одвоиле 20 илјади евра.
Од телевизиите во предизборната кампања најмногу се офајдила ТВ Алфа 192 илјади евра, и тоа ВМРО ДПМНЕ 170 илјади евра.