Комисијата одлучи: Предлогот за импичмент на Иванов е неоснован

Од:

Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување на одговорност на Иванов, чие мнозинство е составено од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека предлогот за импичмент не е основан.

За неоснованоста гласаа сите шест претставници на ВМРО-ДПМНЕ во комисијата, додека четирите пратеници од СДСМ, ДУИ и ДПА гласаа дека предлогот за импичмент е основан.

Без разлика на донесената одлука на Комисијата, иницијативата за импичмент треба да биде разгледана на собраниска седница што ќе се одржи во понеделник, на 13 јуни.

Во текот на денешната расправа Рената Тренска Дескоска од СДСМ забележа дека заклучоците во извештајот се донесени во нецелосна процедура која, како што рече, е водена на начин да не се утврдат фактите. Побара во заклучокот да биде ставен ставот дека иницијативата за одговорност е основана и дека претседателот Иванов го прекршил Законот за помилување и Уставот, како и Собранието да продолжи со постапката за утврдување на одговорност.

– Владејачкото мнозинство на неделовнички начин си обезбеди мнозинство во Комисијата поради што не очекувавме дека ќе имаме темелно водена постапка како што е пракса во демократските земји кога станува збор за постапка за импичмент. Постапката кај нас беше без темелно изведување на докази и без утврдување на факти и затоа не ни очекувам дека мнозинството ќе се осмели врз основа на нашите изнесени факти и врз Уставот да донесе оценка онаква каква што треба, рече Тренеска Дескоска.

Таа посочи дека претседателот Иванов не доставил писмено изјаснување за наодите од предлогот за покренување постапка за утврдување на негова одговорност. Додаде дека тој како и секој граѓанин може да го користи правото да не даде исказ, но потенцира дека за разлика од кривичната постапка во која молчењето не се користи против лицето, во постaпката за импичмент важи спротивното правило, односно дека треба да биде транспарентен и да ги даде потребните одговори и појаснување.

– Секој претседател кој има аргументи на своја страна би дошол и би ги кажал своите аргументи. Очигледно молчењето на Ѓорге Иванов значи одобрување на нашата иницијатива и немање на аргументи, рече Тренеска Дескоска.

За Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ, извештајот е сублимат на се што се дискутирало во изминатите денови за постапката за импичмент и додаде дека поднесокот од опозицијата бил доставен на две и пол страници.

– Врз основа на сите дискусии што ги имавме како пратеници во Комисијата е направен овој извештај како сублимат и на крајот треба да биде ставен заклучокот. Не знам колку страни треба да биде извештајот, но како што видов внатре е опфатено се она што го дискутиравме изминатите денови, рече Мукоски, нагласувајќи дека извештајот е преголем за поднесокот кој е со таква големина и неаргументираност и од законска и од уставна рамка.

Нагласи дека барањето на СДСМ за импичмент е целосно неиздржано и не се темели на правни аргументи, туку е уште еден неуспешен обид да се удри по највисоката институција Претседател на Република Македонија со цел да се зголеми хаосот и безредието во земјава.

– На крајот граѓаните може да ценат по дебатата кој бил во право, а кој не, и дали претсеателот Иванов ги злоупотребил своите овластувања, односно дали донел или не противзаконска и противуставна одлука. Ние сме длабоко убедени оти одлуката на Иванов се водела пред се од државнички интереси, иако како партија не се согласуваме со таквата одлука, бидејќи нашата крајна цел и надеж е дека вистината мора да излеазе на видело, потенцира Мукоски.

Според Талат Џафери од ДУИ, Иванов ја донел одлуката за помилување во сомнителна постапка која се коси со законските одредби.

– Одлуката за помилување е базирана на акт на Уставниот суд со која се создаде законскиот услов за нејзино спроведување. Не држи и фактот дека актот на помилување е направен за интерес на земјава зашто наместо да придонесе на намалување на политичката криза ја продлабочи. Не држи ни дека е поврзана со мигрантската криза на јужната и северната граница, бидејќи во времето кога ја донесе одлуката, состојбата на јужната граница беше порелаксирана по договорот Турција-ЕУ и повлекувањето на мигрантите од границата со Македонија, рече Џафери, додавајќи дека одлуката за помилување придонела за продлабочувањето на кризата во земјава поради што, како што рече, треба да се дебатира за неговата одговорност.

Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани, да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.

Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на Иванов треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште