Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе поднесе 21 амандман на Предлог-законот за административни службеници, кој е во собраниска процедура и треба да се донесе по скратена постапка со европско знаменце.
За Законот денеска втор ден треба да се расправа на собраниската Комисија за европски прашања, а синдикатите вчера побараа широка јавна дебата.
– Конкрентно за овој закон ќе поднесеме 21 амадмани од кои за жал, од брзање има толку многу технички грешки, што 15-тина амандмани ќе бидат само за техничко исправување, додека другите шест се суштински амандмани од кои еден е предлог на ССМ, а тоа е сеуште во пресметката на плата да биде застапена и минималната плата со што линеарно би се покачувале и другите примања линеарно, изјави по средбата пратеникот Бојан Стојановски.
За другите закони кои се дел од пакетот закони поднесени од Министерството за информатичко општество и администрација, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе поднесат уште 16-тина амандмани, но не ја исклучуваат можноста амандмани да се интервенира и на самата Комисија.
За дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, жално е што крајот на мандатот се турка закон со европско знаменце кој, како што рече, има мала поврзаност со европските критериуми и не се прифатени препораките од Европската комисија.
– Како пример не се вклучени СИГМА препораките во овој закон, односно системот на перформанси на вработените. Имено со измените на Законот, односно со овој нов закон се овозможува функционерот по негово лично наоѓање за себе блиски или пожелни или оние вработени кои му одговараат да им обезбеди зголемување на надоместоците за 30 проценти и нема никаква објективизација на критериумите, посочи Андоновски.
Дополни дека не бил поканет на седницата на Влада поради што не можел да реагира во однос на овие законски решенија.
– Работата веќе беше завршена затоа што законите веќе беа испратени во Собранието. Она што се случило е тоа што веднаш по седнувањето на позицијата технички премиер, тој е останат на овие закони така што во таа ситуација не можевме никако да интервенираме и затоа остануваме на тоа измените да ги бараме преку амандмани, изјави Андоновски.
Синдикатите остануваат на барањето да има широка дебата за законот и да бидат вклучени во неа.
– Вчера го слушнавме министерот како кажа дека сме биле вклучени и дека сме биле информирани – не е точно. Синдикатите не се вклучени во овој процес на донесување на овој закон, иако имаме сериозни забелешки што ги доставивме до сите координатори на пратеничките групи. Жалиме што се обидуваат на ваков начин, на крајот на мандатот, да стокмат законско решение кое ќе ги чини вработените во јавниот сектор, односно сите оние работници за кои се однесува Законот за административни службеници – 2.500 денари помалку на нивната плата од март 2024 година и сметаме дека тоа ќе биде поразително. Тоа што го добија вработените по тој закон во 2023 година, сега ќе го загубат како право. Усогласувањето на платите се случува во март 2025 година, веројатно ја помешале годината па во 2024 година планираат да ја скратат минималната плата како основа за пресметка на платите на вработените, рече Трендафилов.