ВМРО-ДПМНЕ: ДИК да не подлегнува под притисоци и сценарија

Од:

Апелираме до Државната изборна комисија (ДИК) да не подлегнува под никакви притисоци и да не влегува во ничии сценарија за постизборен инженеринг, со кој би се оспорила волјата на над 455 000 македонски граѓани со чии гласови ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, се вели во соопштението на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која оценува дека приговорите поднесени од страна на опозициските СДСМ и БЕСА се без основа, затоа што претходно немало забелешки за оспорените избирачки места.

Партијата, како што се истакнува во соопштението, „внимателно и одблиску, со крајна сериозност и загриженост ја следи работата на Државната изборна комисија и најновото одложување на одлучувањето по апсурдните приговори од страна на СДСМ и БЕСА“.

„Целата домашна и меѓународна јавност беа сведоци дека предвремените избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера без ниту еден инцидент. Изборите во неделата јасно ја одразија волјата на мнозинството од македонскиот народ кој се одлучи за излез од кризата и одбра проекти и реформи наместо деструкција“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат и дека единствената обврска на ДИК е да ја верификува волјата и одлуката на мнозинството граѓани и оти не смее да подлегнува на притисоците „од страна на сценаристите кои сакаат да спроведат постизборен инженеринг“.

„Повеќе од очигледен е договорот меѓу СДСМ и БЕСА за извртување, поништување и фалсификување на волјата на мнозинството од македонскиот народ, нешто што кореспондира со вчерашната прес конференција на Зоран Заев и нешто што очигледно не е само негова одлука“, предупредуваат од владејачката партија.

„Сосема е јасно дека приговорите се целосно неосновани и дека се пуштени за избирачки места на кои немало никакви забелешки во записниците и места на кои немало никакви нерегуларности. Единствениот критериум по кој се одбирале местата за кои се упатени забелешките е математиката во постизборниот инженеринг која кажува дека со дополнителна трговија со гласови, би можела да биде заобиколена волјата на мнозинството“, велат натаму од ВМРО-ДПМНЕ

Предупредуваат и дека таквите постапки повлекуваат кривична одговорност, како и дека правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ внимателно и одблиску ја следи ситуацијата .

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ претходно во средата одржал седница на којашто била оценувана актуелната политичка состојба во земјата, особено „постојаното одолговлекување на официјализирањето на изборните резултати“. Притоа, највисокото тело на партијата заклучило дека „волјата на граѓаните на предвремените парламентарни избори беше јасно изразена и недозволиво е кој и да е да си поигрува и да го фалсификува гласот на народот“.

Порачуваат, исто така, дека ВМРО-ДПМНЕ и 25-те партии од Коалицијата за подобра Македонија „нема да дозволат изигрување на изборната волја на мнозинството граѓани во Република Македонија“.

Би можело да ве интересира

Кои се пратениците со кои ВМРО-ДПМНЕ дојде до парламентарно мнозинство: Со ЗНАМ во Влада ќе се обезбеди и двотретинско

Орце Костов

Почна средбата на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за новата влада

ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ги продолжуваат разговорите за нова влада

ВМРО-ДПМНЕ: Министерството за здравство крахираше и во случајот Токсикологија

(ВИДЕО) Мицкоски: Ги поставивме контурите на рамката врз која ќе ја градиме коалицијата

Орце Костов

Која е Гордана Сиљановска Давкова, првата жена претседател: Министерка во Влада на Црвенковски, претседател со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ

Орце Костов