Тодоров размислува да воведе данок на маснотии

Од:

Македонија по примерот на многу развиени европски здравствени системи размислува да отвори дебата дали е потребно да се воведат дополнителни давачки за храната со зголемена масност, сол и шеќери, особено по добивањето на резултатите од Европската стратегија за исхраната и дебелината, кои покажуваат дека кај нас бројот на дебели луѓе е поголем од европскиот просек.
Ова денеска го најави министерот за здравство Никола Тодоров во одговор на новинарско прашање по посетата на Поликлиниката Ѓорче Петров.

– Не сакам да бидам сфатен погрешно. Не е ова одлука да се воведе данок, напротив сакаме сериозно да се издебатира затоа што импактот на здравјето од прекумерното користење на масти, шеќери и сол и немање на доволна физичка активност директно влијае на здравјето на граѓаните. Тоа е она што сега во најголема мера ги полни болниците и што во наредниот период се повеќе ќе ги полни, изјави Тодоров.

Посочи дека превентивни програми се значајни и додаде дека сепак и животните стилови и навики сериозно влијаат на општата здравствена состојба на целото население во државата.

– Дебатата за дебелината е многу актуелна во Европа и е отворена во многу развиени здравствени системи, а ние како држава веројатно треба да го следиме тој чекор и да отвориме дебата дали е потребно да се воведат дополнителни давачки на храната со зголемена масност, сол и шеќери. Сепак, за тоа задолжително треба да се направи многу широка општествена дебата  со сите чинители во општеството, со индустријата, но и со експертите, која очекувам да ја направиме во наредниот период, рече Тодоров.

Прецизира дека Македонија мора да се осврне на оваа проблематика особено по добивањето на податоците од Студијата за исхрана на Република Македонија која покажа дека граѓаните конзумираат храна со повеќе масти, сол и шеќери од европскиот просек.

– Студијата покажа и дека над 80 проценти од граѓаните во Македонија имаат далеку помала физичка активност од пропишаната, а во неа се опфатени и определени аспекти од областа на пушењето. Кога сите овие париметри ќе ги земеме во предвид имаме обврска ова прашање да го поставиме високо, односно јавноста широко да дебатира за него и врз основа на дебатата да се преземат определени мерки… Во различни земји се воведува различен тип на данок, некаде на прехранбени продукти со зголемени масти, а некаде на безакохолни пијалоци, грицки, чипсови. Тоа е тренд во Европа, но кај нас треба да имаме широка дебата дали е потребно воведување на ваков данок и ако евентуално  се одлучиме за негово воведување, тогаш за што ќе се користи, прецизира Тодоров.

Би можело да ве интересира

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада