Власта очекува политичка Влада во Бугарија за добивање зелено светло во декември

Од:

Владата очекува по денешните вонредни парламентарни избори во Бугарија да се формираат функционални институции со кои ќе ги продолжи разговорите за отстранување на ветото на нашите евроинтеграции, а од Брисел кредибилен и предвидлив процес за интеграцијата на регионот во ЕУ.

-Очекуваме функционален парламент и политичка влада во Софија за добивање на зелено светло, односно одблокирање на Северна Македонија на нашиот пат кон Европската унија, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Тој се надева дека изборите во Бугарија ќе бидат исклучително успешни и политичарите ќе креираат коалиција, што ќе биде парламентарно мнозинство и ќе формираат нова бугарска влада, со која ќе ги продолжи разговорите.

-Лично мислам дека ги адресирав сите важни работи на билатералните разговори на 17 јуни при посетата на Бугарија. Остана да се избере бугарскиот парламент и да се избере владата за да имаме надеж дека ќе се донесе одлука. Очекувам декември годинава да биде донесена одлуката, но секако да оставиме процесите да бидат успешни за да може да се израдуваме со позитивна одлука, изјави Заев, повторувајќи дека „не се откажуваме и продолжуваме се додека не го решиме ова отворено прашање“.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера при учеството на Дубровник форумот, порача дека во приближувањето на регионот до ЕУ, Брисел би морал да гарантира предвидлив и кредибилен процес.

-ЕУ мора да најде начин за интеграција на Западниот Балкан, што би претставувало географска и политичка консолидација на европскиот континент. Toj процес, како што истакна, е од стратешки интерес за двете страни и потребно е поголемо вклучување на земјите од регионот во дебатата за иднината на ЕУ, на начин како иницијално беше овозможено за време на Преспа форумот и панелот на конференцијата Иднината на Европа.

Османи рече дека во приближувањето на регионот до ЕУ, Брисел би морал да гарантира предвидлив и кредибилен процес, при што, потенцираше, двете страни би се придржувале до прифатените обврски -испорачани реформи за формален почеток на преговори за членство, како за Северна Македонија и Албанија.

-Не постои друг начин Европа да биде целосна, освен интегрирањето на делот кој недостига, нагласи Османи.

Во меѓувреме, во јавноста продолжи дебатата околу Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за заштита на македонските позиции во преговорите во Бугарија, што е веќе доставена во Собранието, а опозициската партија очекува што поскоро да се најде на дневен ред пред пратениците.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека Заев не смее да преговара со Бугарија без донесена Резолуција.

-СДСМ и ДУИ да не наоѓаат изговори и да ја поддржат Резолуцијата, а Џафери наместо да се објаснува да си замине од позицијата претседател на Собранието. Без донесена Резолуција Заев не смее да преговара со Бугарија. А тој веќе наговестува дека низ собраниска процедура ќе ја кочи Резолуцијата, а со тоа работи единствено на штета на Македонија. Оваа влада не знае за ништо друго освен за работење спротивно на Уставот и законите, наведоа во соопштение од опозициската партија.

Премиерот Заев и вчера повтори дека преку резолуцијата ќе се потврди тоа што е неспорно за сите дома во однос на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Коментирајќи ја поддршката на коалицискоот партнер ДУИ за прифаќање на резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека ДУИ ја прифатиле резолуцијата.

-За тоа разговаравме, со тоа што секако треба да се смени уставното име и би требало да се утврдат одредени, како да ги кажам, формалности во самата резолуција за да може да биде заемно прифатена од сите. И уште еднаш да му покажеме на Мицкоски дека и тој којшто го има проблемот со македонскиот јазик и македонскиот идентитет, еве и преку заедничка резолуција, ние тоа ќе го потврдиме затоа што е неспорно за сите дома, изјави Заев.

Забелешки за предлог резолуцуцијата вчера изнесоа од ВМРО-Народна партија, од каде наведоа дека експертите со кои ја анализирале содржината на овој документ утврдиле дека „сериозен недостаток претставува што немаме конкретно временско и просторно определување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик“

-Без овие елементи предлог-резолуцијата дава простор теоретски, македонскиот јазик и македонскиот идентитет исто така, да се определат со почеток од 1945-та година и тоа само на просторот на Северна Македонија. Така што оваа резолуција на ваков начин може да ни создаде поголем проблем отколку решение. Се надеваме дека писателите на предлог-резолуцијата ќе имаат разбирање за ова наше барање, наведоа од ВМРО-Народна партија.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ завчера во Собранието ја поднесе Предлог – резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите кои што се наметнуваат. За тоа кога ќе се најде на пленарна седница треба да одлучи претседателот на Собранието Талат Џафери.

Би можело да ве интересира

Нова провокација во клучен момент – Бугарското МНР за реакциите во земјава за децата од „Мал битолски Монмартр“

Катерина Ѓуровски

Бербок: Договорената промена на Уставот да не се користи во натпреварот за популарност или да добивка на изборите

Македонската телевизија не се емитува во Бугарија, Ковачевски ќе бара одговор од МНР зошто

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Законот за здруженија ќе биде проверен од ЕУ во текот на скринингот

Орце Костов

(ВИДЕО) Османи: Ако се тргнат провокациите од Софија, македонските граѓани би почувствувале топлина од Бугарија

Орце Костов

(ВИДЕО) Османи: Ќе предложам до Владата Законот за здруженија да го испрати до Венецијанската комисија

Орце Костов