Уставните измени ќе се носат преку јавни дискусии со вклучување на сите засегнати страни со еден изграден широк општествен консензус, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски. Дебатата за уставни измени, според него, мора да почне на експертско ниво, бидејќи треба прво да се напишат уставните амандмани за да можат граѓаните и сите други да видат како изгледаат тие. За лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, уставните измени не се приоритет за граѓаните.
Ковачевски кажа дека дебатата за промените во Уставот ќе започне на експертско ниво.
– Тоа ќе го направат експерти од Министерството за правда, универзитетски професори и сигурно претставници на политички партии. Во однос на вклучување на сите политички партии, нормално дека тие ќе бидат вклучени во самиот процес, бидејќи процесот на уставни измени предвидува вклучување на сите во Собранието, бидејќи тој се одвива во Собранието во неколку фази, рече Ковачевски.
Премиерот најави дека во јавните дискусии ќе бидат вклучени академската и деловната заедница, граѓанските организации, медиумите…Се со цел тоа да биде изградено со еден општествен широк консензус, рече Ковачевски вчера по увидот на изградба на градинка во општина Центар.
Тој исто така повтори дека за уставните измени е потребно двотретинско мнозинство до нашето полноправо членство во ЕУ, додавајќи дека со вакво мнозинство треба да се носат измени во обвинителската, судската сфера, во децентрализацијата, во реформите во јавната администрација.
Затоа, според него, треба да се изгради широк општествен и национален консензус во однос на тоа дека овие прашања се за иднината на државата.
-Ќе се навратам на анкетата за ЕУ, нашите граѓани сакаат да живеат по европски стандард, заслужуваат да живеат по европски стандард, а тоа се прави во земја членка на ЕУ, меѓутоа нашите граѓани заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, но тука дома во Македонија, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓина, рече Ковачевски.
Изјава на премиерот Димитар Ковачевски по увидот во работите на делницата Крупиште – Кочани од новиот експресен пат Штип – Кочани.
Ковачевски, исто така, кажа дека во моментов нема разговори за влез на друга партија во владејачката коалиција.
– Такви разговори нема во моментов, меѓутоа јас и во моето експозе при изборот на новите министри и заменици, кажав дека оваа Влада останува отворена за сите политички партии и поединци и организации кои сакаат да се приклучат на „Европскиот сојуз“, а кои сакаат да учествуваат во носење одлуки кои значат побрзо зачленување во ЕУ и носење побрзо и поефикасно на реформските закони за сите значајни области во Собранието, рече Ковачевски.
Додаде дека доколку која било партија оцени врз основа на своите определби и визија и одлуки дека сака да биде дел од оваа Влада, тогаш вратата и е отворена.
Премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека има партии кои декларативно се „за“ влез во Европската Унија или НАТО, но не поддржале ниту една одлука поврзана со нашето зачленување во нив.
Топлинска енергија ќе биде испорачана до крајот на грејната сезона, уверува потпретседателот на СДСМ и кандидат за вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, кој и досега ја извршуваше о
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од Брисел порача дека интегративниот процес на земјата е стабилен и изборот е јасен – Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија, констатација која произлезе од состанокот со европскиот комесар за економија, финансии, даноци и царина, Паоло Џентилони. Битиќи посочи дека Џентолини ја потврди заложбата и ставот на Европската комисија дека Северна Македонија е од стратешко значење за Унијата.
– Силно сме посветени на усогласување на правото и регулативите на Европската Унија со цел полноправно членство. Но, поважно, подготовка и зголемување на конкурентноста на домашната економија со цел што побрза и полесна транзиција кон единствениот пазар на ЕУ. Од нас зависи, ние мораме да работиме дома, сите заедно кон исполнување на оваа цел до 2030 година, рече Битиќи.
За лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, уставните измени не се приоритет за граѓаните.
-Уставните измени не ги споменува никој од граѓаните и тие постојат само во главите на неколку политичари кои ниту самите не веруваат дека тоа е добро, рече вчера Мицкоски, во одговор на новинарско прашања околу предлогот на првиот вицепремиер Артан Груби, опозициската партија да ја поддржи промената на Уставот и потоа да се оди на предвремени избори.
– Не би го коментирал, ниту предлогот, ниту човекот што го дава тој предлог. Дадовме контра предлог – да одиме на избори без техничка влада, да го смениме законот и веднаш да одиме на избори. Да не губиме време. Еве не треба техничка влада, изјави Мицкоски вчера при посета на Стајковци, каде присуствуваше на отворање на спортска сала.
Според него, уставните измени не се приоритет за граѓаните и тие воопшти не ги споменуваат.
– Ако ги прашувате граѓаните, кои се вашите приоритети, тие ќе ви набројат најмалку 15 приоритети и ако не ги потсетите на уставните измени, никој нема да ги спомене, рече Мицкоски.
Според него, уставните измени „постојат само во главите на неколку политичари, кои и сами не веруваат дека тоа е добро“.
– Тие мислат дека ако на сила тераат процес на уставни измени, тоа ќе ги спаси нивните политички кариери. Секој политичар и пратеник треба да знае дека уставни измени не се за вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата, туку за спас на политичката кариера на Артан Груби, Али Ахмети, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите. Ова нема врска со Европа, освен со криминал и пари што го крадат народот, рече тој.
Во врска со денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека во моментов не е предвидена лидерска средба, а дека уставните измени ќе се носат преку јавните дискусии со вклучување на сите засегнати страни со еден изграден широк општествен консензус, Мицкоски истакна дека на одржаната средба во Клубот на пратеници тие веќе кажале што им пречи и не гледаат причина истото да го повторуваат.
-Неколку месеци им велам ајде да одиме на избори, бидејќи создадовте проблем. Значи, ние имаме проблем. Ајде да одиме на избори, па секој од политичките чинители да понуди решенија за решавање на овој проблем, затоа што со ставање на пиштол на глава не се решава овој проблем. Во Клуб на пратеници ние кажавме што ни пречи. Јас седнав со Ковачевски и му кажав што ни пречи. Ние веќе сме седнале и сме кажале што ни пречи. Не гледам причина зошто повторно истото да го повторуваме. Нема нешто сменето. Нема сменети околности, рече Мицкоски.
Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот се услов за отворање на првиот преговарачки Кластер. Во моментов Северна Македонија го спроведува објаснувачкиот и билатералниот скрининг за усогласување на законодавството со ЕУ, и според проценките треба да заврши до ноември 2023 година.