Прашањето за минимална плата од 500 евра и за усогласување на останатите плати било отворено на седницата на Економско-социјалниот совет кој денеска заседаваше по неколкумесечна пауза, но ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата. Од ССМ изразија разочарување, посочувајќи дека минималната плата во земјава ќе остане најниска во регионов.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција по завршување на седницата, рече дека ова прашање било отворено по барање на Сојузот на синдикати, но дека како Влада нема да носат ад хок решенија како претходната влада.
– Беше побарано од ССМ да се стави како точка на дневен ред. Како Влада работиме на тоа да се подобри стандардот на граѓаните. Ако се усогласат синдикатите и работодавачите, ќе ги поддржиме, не може да држиме една страна. Во јавната администрација платите се зголемени, во образованието, здравството, полицијата. Нема да ги водиме политиките како претходната власт и да носиме ад хок решенија, треба да ја видиме и продуктивноста и не може да ја зголемиме инфлацијата, рече Дурмиши.
Од Сојузот на синдикати изразија разочарување наведувајќи дека нема изгледи за зголемување на минималната плата.
– Она што го слушнавме е дека ССМ многу бара, дека работниците многу бараат. Она што загрижува е дека како за неспремни, беа многу усогласени за да го бранат ставот за незголемување на минималната плата, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред Владата.
До средина на месецот, како што најави, ќе имаат седници на највисоките тела на Синдикатот на кои ќе одлучат за следните чекори, но според Трендафилов, мал е временскиот период до распушување на локалните избори, до кој може да се направи нешто. Тоа, според Трендафилов, значи дека работниците во државава ќе останат со најниска минимална плата од сите држави во регионов.
На денешната седница на ЕСС била презентирана и методолигијата по која ќе се пресметува потрошувачката кошничка. Ова, според министерот за економија, не значи негирање на синдикалната кошничка која, како што рече, е посакувана кошничка, а не заснована на реалните потреби на граѓаните.