Владата в среда ќе ја одреди сумата што ќе се потроши за референдумската кампања

Од:

На наредната владина седница, в среда, ќе се знае колку средства ќе се одделат за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу Македонија и Грција. Досега само Министерстото за одбрана излезе со информација колку средства ќе намени за претстојниот референдум.

Од другите министерства нема информации кој колку средства ќе пренамени за оваа цел, иако вчера истече рокот за да достават информации до Министерството за финансии, за средствата што ги имаат на располагање, што би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера на Отворениот ден на АРМ за граѓаните рече дека МО ќе стави на располагање нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум.

– Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.

Истакна дека на следната владина седница официјално ќе се одреди сумата која ќе се оддели за кампањата за претстојниот референдум.

– Она што е јасно е дека практично Владата не сака да биде главниот актер, заради тоа што Собранието е тоа што ја донесе одлуката за референдум и со тоа ќе покажеме дека Владата нема политичка или партиска агенда, туку навистина на ова прашање е сконцентрирана на клучниот интерес на Република Македонија – да не биде изолирана држава, да биде држава со перспективи, да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ, рече министерката за одбрана на Отворениот ден на АРМ за граѓаните.

Таа посочи дека како што се ближи референдумот, така се повеќе зачестуваат шпекулации и лажни вести кои се шират, демантирајќи ги уште еднаш наводите на социјалните мрежи дека на Криволак ќе се користи муниција со осиромашен ураниум. Според неа, во Македонија и надвор од земјата постојат структури кои не сакаат оваа држава да стане пристојно место за живеење, не сакаат Македонија финално да се стабилизира и да успее во своите стратешки приоритети – членка на НАТО и членка на ЕУ. Ги повика новинарите да ги истражат овие линкови и да се види што е во позадина.

Владиниот портпарол Муамет Хоџа во средата изјави дека Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.

Кампањата, посочи тој, ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција. Додаде дека Владата, во текот на целиот процес ќе го почитува принципот на отчетност и транспарентност.

– Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени, рече тогаш Хоџа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа повтори дека позицијата на партијата во врска со референдумот ќе ја изнесе по сеопфатна консултација со граѓаните и внатрепартиските консултации кои се одвиваат паралелно.

Во текот на следната недела се очекува да бидат соопштени и информации за тоа дали и како пратениците и пратеничките групи ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот, но и тоа дали Собранието, како овластен предлагач, со свои претставници ќе ја набљудува работата на изборните органи што ќе го спроведуваат референдумот на 30 септември.

Нема забрани за тоа кој може да води камања за референдумот. Според одлуката на Државната изборна комисија, само Собранието како овластен предлагач има определено посебен простор за јавна пропаганда кој го обезбедуваат радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми. Согласно одлуката на ДИК останатите кои сакаат да учествуваат во кампањата, тоа може да го сторат по пазарни услови.

Владата на 14 август донесе одлука да спроведе кампања од јавен интерес за референдумот што ќе се одржи на 30 септември за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада