Владата на Ковачевски ќе брои 21 член

Од:

Новата Влада што треба да ја предводи Димитар Ковачевски ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.

Новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе – министер без ресор, место што и припадна на Алтернатива.

Од Владата си заминуваат осум досегашни членови, вклучувајќи го и Зоран Заев. Никола Димитров веќе нема да биде вицепремиер за европски прашања, Радмила Шекеринска заминува од Министерството за одбрана, а членови на Владата нема да бидат ни досегашниот министер за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерката за култура Ирена Стефоска.

На нивните места треба да дојдат досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ (СДСМ) како вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска (СДСМ) во Министерството за одбрана, Беким Сали од Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, досегашниот министер за информатичко општество и администарција Јетон Шаќири (ДУИ) ќе го преземе Министерството за образование и наука, Јована Тренчевска (СДСМ) ќе раководи со МТСП, а Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) го презема ресорот култура.

Адмирим Алити од Алтернатива ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи од оваа партија е предложен за министер без ресор задолжен за дијаспората.

Во новата влада на Ковачевски останува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи (СДСМ), а ново име е Славица Грковска (СДСМ) која треба да биде вицепремиер за борба против коруција и криминал.

Со ресорот правда треба да раководи универзитетскиот професор Никола Тупанчевски (СДСМ). Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски (СДСМ), а функциите ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи (ДУИ), Благој Бочварски (СДСМ), Фатмир Бесими (ДУИ) и Крешник Бектеши (ДУИ). Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму Горан Милевски (ЛДП/коалиција на СДСМ), а нема промени и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде останува досегашниот министер Насер Нуредини (ДУИ).

Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби (ДУИ). Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се враќа Љупчо Николовски (СДСМ).

Седницата за избор на новата влада предложена од Димитар Ковачевски е закажана за сабота, во 11 часот. Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.

Согласно собранискиот Деловник, мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на владата на седницата на Собранието, на која се врши нејзиниот избор. По програмата на мандаторот и предлогот за состав на владата, Собранието води единствен претрес. Во Деловникот е предвидено дека редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање.

Би можело да ве интересира

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата