Претседателот на Институтот за демкратија, Марко Трошановски по финалните резултати од вчерашниот прв круг од претседателските избори за А1он истакна очекуван бил малиот одѕив, но и тесната разлика помеѓу кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова. Причина за ваков исход од првиот круг е разочараноста кај граѓаните од владејачката партија која претходните локални избори ги доби со драстично поголема разлика од онаа помеѓу актуелните кандидати за претседател.
-Разочараноста од политиката и тоа како беше практикувана од оваа но и претходната власт, доведе до рекордно најнизок одѕив на избори. Поразени се и едните и другите. Споредбено со последните претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ изгубија 120 илјади гласови, додека пак Стево Пендаровски освои ист број на гласови, разликата е тоа што сега е консензуален кандидат. Граѓаните се разочарани од тоа што партиите до сега го направија. Сигурен сум дека оваа влада донесе неколку непопуларни политички одлуки, но исто така убеден сум дека дел од тие одлуки беа поддржани, односно луѓето беа свесни дека владата ќе направи компромис со Грција околу името. Она што не го простија е девијациите од владеењето на правото што беа направени како амнестијата што се случи поради потребата за имплементација на договорот од Преспа. Потфрлањето во еконмските политики, потребата за правда и потребата за подобар живот не беа испорачани изминативе две години што резултираше со ваков исход. Сето ова на куп го става цензусот за вториот круг под прашање, вели Трошановски.
Според аналитичарот, овие избори покажаа и дека концептот едно општество се уште не е доволно прифатен кај граѓаните. Како што вели, тоа може да се забележи од истражувањето кое покажува дека галсачите на ДУИ гласале за Блерим Река само поради етнички причини.
-Истражувањето покажа дека огромен дел од гласачите на ДУИ гласаа за Блерим Река, по етничка инерција, што е нешто што укажува дека концептот едно општество се уште нема фатено корен кај популацијата иако е време да се еманципира како политичка култура. Анкетите исто така покажуваат дека половина од гласачите на Река ќе гласаат за Стево Пендаровски додека незначителен процент ќе гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Од тука очекувам да се зголеми придонесот на ДУИ за резултатот кој Пендаровски ќе го оствари во вториот круг, вели Трошановски.
Според Трошановски револтот на граѓаните се потврдува и со големиот број на неважечки ливчиња во првиот круг.
-Неважечките ливчиња треба да се земат и во равенката за цензус во вториот круг. Тие исто така се во значителен број, и тие треба да излезат во вториот круг за да се постигне цензусот. Во најчест дел од случаите неважечкото ливче претставува револт на граѓаните од политичкиот опуртинизам и цинизмот кој што го развиле кон политиката генерално немајќи избор за кого да гласаат одлучуваат гласот да не им биде злоупотребен и да го направат своето ливче неважечко.
Виктор Јованов