(ВИДЕО) Животот на деца-жртви на трговија: тоа беше само едно обично детенце, кое му се радуваше на едно чоколадо, а присилувано на секс

Од:

Таа има 13 години и живее во Домот за деца без родители „Ранка Милановиќ“. Напуштена од родителите, но напуштена и од уште едно семејство, кое заминало за Германија и одлучило да не ја посвои, таа тргнува да се спаси себеси. Во декември 2017 година бега од „Ранка Милановиќ“ затоа што ѝ е ветено дека ќе има подобар живот, во домот на Мајмире Д. во Штип.

Малолетната Марија (името е измислено за потребите на сторијата, а со цел да се заштити идентитетот на жртвата) очекувала семејство, топол оброк и место каде што ќе се чувствува заштитена, но наидува на хорор, кој ниту едно дете ниту, пак, возрасен не може да го замисли.

Наместо како секое дете ноќта порано да си оди в кревет, таа завршува во локална кафеана. Мајмире, средовечна невработена жена, под закани дека ќе ѝ наштети на сестра ѝ, ја присилува да има сексуални односи со многу непознати возрасни мажи – тие го носат детето надвор од кафеаната во своите возила, имаат сексуален однос со него, а потоа го враќаат и плаќаат за услугата.

Но, тука не завршува вечерта. Маалските кафеани се многу. Тринаесетгодишното девојче е принудувано да се качува на маса за билијард, да игра и да ги забавува гостите, било принудувано да пие вотка, пиво, мартини, без да внесува храна, а потоа следувало истото – завршува во автомобилите на клиентите за да има сексуални односи со разни мажи.

Девојчето успева да избега од теророт во февруари 2018 година по еден неуспешен обид кога е фатена на меѓуградската станица во Штип од страна на Мајмире, која ја тепа со гајтан, мава по неа со дрва и ја гори со цигари по вратот и нозете, кои ѝ оставаат лузни по телото, кои сè уште ги има / Фото: ЕПА архива

Мајмире Д. вечерта ја завршува со заработени 12 илјади денари, а Марија со солзи и со неподносливи болки. Ова девојче е едно од десетиците малолетни жртви на трговија со луѓе, кои пристигнал пред истражните органи. Случајот го води обвинителката Маја Конеска, која и по три години, се сеќава на секој можен детаљ.

„Ја носела од кафеана во кафеана, ја напивала, ја терала да игра, не ѝ давала да јаде, малата повраќала, ѝ било лошо, кренала температура, не спиела, а Мајмире ѝ наоѓала повеќе клиенти во две кафеани во една вечер. И кога веќе видела дека малата веќе почнува да паѓа во бесвест, ја качува во кола и ја носи во Радовиш кај својот невенчан сопруг“, се потсетува Конеска за „А1он“.

Многу беше важно тоа дете да стекне доверба и да ме прифати мене како човек, а тоа не се случува преку ноќ, особено не за дете што претрпело таква психичка и физичка штета, вели Маја Конеска, обвинителка / Фото: Youtube принтскрин

Во домот на невенчаниот сопруг на Мајмире, Ерол, хоророт на малото девојче продолжува. Тоа е принудувано да ја чисти куќата, да ги гледа Мајмире и Ерол како имаат сексуални односи, тие го вклучуваат во нивните сексуални игри, а девојчето е принудувано да има секс со таксисти бидејќи Мајмире немала пари за да плати за такси-превоз, па тоа ѝ служи како замена за пари.

 „И купив едно чешелче, а таа беше пресреќна“

„За настанот се дозна во февруари 2018 година, а јас девојчето првпат го запознав во април. Тоа претходно беше хоспитализирано за да закрепне психички и физички колку што може. Тоа беше неформална средба, во просториите на невладината ‘Отворена порта – Ла Страда’, на која ја прашав: ‘Знаеш ли што треба ние двете да направиме’? Ми рече: ‘Знам’. Правевме општи муабети, не инсистирав многу да навлегувам во детали затоа што многу беше важно тоа дете да стекне доверба и да ме прифати мене како човек, а тоа не се случува преку ноќ, особено не за дете што претрпело таква психичка и физичка штета. Се видовме кратко, ѝ купив едно чешелче да се израдува и чоколадо. Го зеде и си ја исчешла косичката. Таа е дете, се гледа по рачињата, ножињата, изразот на лицето, по очињата“, раскажува обвинителката Конеска за првата средба со девојчето.

Марија успеала да избега од теророт во февруари 2018 година по еден неуспешен обид кога е фатена на меѓуградската станица во Штип од страна на Мајмире, која ја тепа со гајтан, мава по неа со дрва и ја гори со цигари по вратот и нозете, кои ѝ оставаат лузни по телото, кои сè уште ги има.

Во меѓувреме, се утврдува дека Марија е бремена, а Мајмире ја носи на автобуска станица, ѝ купува билет за Скопје и ѝ вели: „Ќе абортираш, па ќе се вратиш“, со закана дека „ако пријави во полиција, ќе ѝ го упропасти животот, нејзиниот и на сестра ѝ“. Но, девојчето носи одлука што ќе ѝ го спаси животот – на тој 6 февруари 2018 во 15 часот во Скопје се пријавува во надлежно здружение за граѓани, од каде што ја носат во болница, каде што ѝ е извршен прекин на бременоста, а потоа Центарот за социјални грижи ѝ доделува старател.

Да се соберат докази за ваков случај, за трговија со дете, не е лесно.

„Настаните се случувале во неколку градови – Радовиш, Кавадарци, Штип, струшко Мислешево. Девојчето во првичните раскажувања ги мешаше настаните, ги мешаше градовите и мене ми беше многу тешко затоа што требаше да собирам докази и затоа беше исклучително важно што ќе каже. Кога девојчето првпат дојде овде, во Обвинителството, почна да се врти на столчето, да си игра. Тоа е само дете, но е исклучително интелигентно. Потоа бараше да го види и прочита решението за притвор за Мајмире и рече: ‘Еј, оваа стварно е во притвор! Ама знаете ли она што сè ми направи…’“, раскажува обвинителката Конеска.

Веќе на третата средба Марија го дава својот исказ во просториите на Обвинителството, а во присуство на социјален работник, психијатар и адвокат ополномоштеник. Точно шест часа Марија зборува за она што го доживеала.

„Исказот го даваше долго. Таа се соголи тука 6 часа пред сите нас, за многу интимни делови од својот живот и тоа беше претешко. Сепак, таа е само дете, па одвреме-навреме ќе ѝ станеше досадно, одбиваше да зборува, правевме паузи, а таа си избираше од чоколадите што ѝ ги оставивме на масата… Едно време ги виде школките што ми стоеја на бирото, што ги собирам од плажа, па праша: ‘Што е ова?’. Јас ѝ кажувам, таа ги гледа, внимателно ги зеде в рака и ме праша: ‘А може да си земам една?’ Искрено, срцето ме заболе“, вели Конеска.

За овој случај донесена е една од највисоките пресуди за трговија со дете во државата. Првостепениот суд ја осудува Мајмире на 13 години затвор, нејзиниот невенчан сопруг Ерол на 12 години, исто како и внук му, со кој девојчето било принудувано на сексуални односи. Апелацискиот суд казната на Мајмире ја зголемува на 17 години затвор, а на другите обвинети на 14 години.

Од невладината „Отворена порта“ сè уште се грижат за Марија. Процедурата за добивање отштета сè уште е во тек бидејќи сега се тужи државата, од каде што треба да се одделат фондови бидејќи осудените немаат пари.

„Често прашувам за неа, ме интересира како е. Но, велат дека е многу оштетена. Премногу ми е жал за тоа девојче, но, ете, тука моите надлежности завршуваат и потоа на ред е државата“, вели обвинителката Конеска.

Во судот се евидентирани по две малолетнички годишно принудувани на секс

Жртвите се соочуваат со страотни последици одејќи на судења, па некои одбиваат да ги пријавуваат случаите, а тука е и двојната виктимизација, така што одредени и не може да се справат со тој товар / Фото: ЕПА архива

Сето ова, напишано на хартија, ќе стои во архивите на Кривичниот суд во Скопје, но премногу работи од душевната болка и од траумите што ги носат ваквите случувања никогаш нема да ги видиме тука бидејќи за нив знаат единствено жртвите и оние што работат со нив.

За кривичното дело по член 418 – трговија со дете, во последната деценија, според податоците од Кривичниот суд Скопје, од 2010 до крајот на март 2021 година отворени се 21 постапка, а решени се 17. Некои од нив се на постапување пред второстепениот Апелациски суд.

Ова значи дека толку деца го преживеале хоророт сличен како оној на Марија.

Но, не се само тие. Под облици на трговија со луѓе спаѓа и сексуалната експлоатација, каде што жртви најчесто се жените и девојките и тука, освен присилната проституција, која е најзастапена, спаѓа и употребата за порнографски цели или експлоатација преку онлајн-услуги. Понатаму е принудната работа, принудното питање, присилните бракови…

На СОС-линијата 080011111 за помош од трговија со луѓе биле евидентирани 340 повици, стои во годишниот извештај на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција за 2020 година.

Некои од случаите, како што сведочат нашите соговорници, е тешко да се докажат пред судовите, особено ако се земе предвид дека жртвите се соочуваат со страотни последици одејќи на судења, па одбиваат да ги пријавуваат случаите, а тука е и двојната виктимизација, така што одредени не може да се справат со тој товар.

„Многу е тешко една жртва, по излегувањето од процесот на експлоатација, да ги надмине траумите и да продолжи со нормалниот тек на животот. Трауматското искуство остава трајни последици и важно е да се работи интензивно на нивно надминување. Професионалците од ‘Отворена порта’ им даваат на жртвите безрезервна поддршка и стручна помош во надминување на траумите и интегрирање во средината. Она што е од исклучителна важност за успешна реинтеграција е долгорочната поддршка на жртвите од страна на нивите семејства и околината во која ќе живеат“, велат од „Отворена порта“ за „А1он“.

Потребни се континуирани обуки за соодветно постапување кога се работи со жртви на трговија со луѓе“, велат од „Отворена порта“ / Фото: ЕПА архива

Многу често жртвите потекнуваат од мали средини, каде што се дознава за нивната приказна и тие се обвинувани и осудувани за сите страдања што им се случиле.

„Се случува жртвите да бидат виктимизирани и од страна на државните институции кои се надлежни да постапат за нивниот случај. Државните службеници, како што се социјални работници, доктори, обвинители, судии, наставници и сите други со кои жртвата би можела да дојде во контакт, во недостиг на сензитивност за оваа осетлива проблематика понекогаш несвесно ја виктимизираат жртвата во процесот на обезбедување услуги. Затоа, потребни се континуирани обуки на сите овие лица за да може соодветно да постапат кога работат со жртви на трговија со луѓе“, велат од „Отворена порта“.

Жртвите остануваат со трауми и без отштета

Инспектор од МВР, кој две децении работи со жртви на трговија со луѓе, вели дека со тек на време жртвите на трговија со луѓе им стануваат и како второ семејство. За нив зборуваат како за свои деца, а со многу од нив се и добри пријатели.

„Кога ги запознаваш, прво почнуваш со приказната каде се родени, па потоа одиш понатаму. Зборуваш отворено. Зборуваш и за тешките моменти, па ако е сексуално малтретирана жртва, прашуваш и очекуваш одговори за тоа каде бил односот, што се случувало. Ако е физички малтретирана, прашуваш каде е удрена, која е приказната, што се случило. Има жртви што може да зборуваат, но и такви со кои разговорот го оставаш за некој друг ден бидејќи им е претешко да се враќаат на тие моменти“, вели тој за „А1он“.

Ресоцијализацијата за нив понекогаш е невозможна – има жртви што се враќаат на стариот живот, како, на пример, оние со присилни бракови. Кога се работи за продавање ќерка за пари, докази има и од снимки од свадби, каде што од видеата направени на свршувачките се гледа како се даваат пари за купување на жртвата.

„Вакви случаи се најчести со деца на 13-14 години. Тие чистат, перат, пеглаат. Ги користат како робови. Тоа за нив е нормално“, коментираат социјалните работници што работеле со вакви жртви.

Жртвите што се идентификувани се продавани и како чоколадо во продавница. Цените се движат од 500 до 5.000 евра. Сè зависи од тоа каде жртвата ќе биде пратена да живее, односно да се омажи, дали во Македонија или во странство, за каде што цените се повисоки. Во ромските средини биле идентификувани и посредници, кои земаат процент од парите кога ќе продадат малолетна невеста.

„Тоа се трауматизирани деца. Деца од невработени, разведени родители. Родители со ниски примања, алкохоличари. Траумите најчесто ги влечат од семејствата, кои често се дисфункционални. Тие трпат физичко насилство и имаат психолошки трауми. Некои долготрајни, други краткотрајни. Има жртви што, дури и по две години, знаат да побараат помош, советувања, психолошка поддршка,  финансиска поддршка, помош за вработувања“, вели инспекторот од МВР со кого разговаравме.

Таков пример, според извештаите на „Отворена порта“, е случајот на Сандра, 15-годишна девојка која бега од дома. Тоа не го прави затоа што живее во нефункционално семејство, туку затоа што не може повеќе да живее во сиромаштија. Таа заминала во Скопје и се јавила кај свој познајник, кој ѝ овозможил да живее со неговата постара сестра Ирена.

Иако на мал број жртви им е судски доделен надомест на штета, сепак не е наплатен бидејќи постапките за извршување се долги и скапи и/или сторителите немаат средства и имот на свое име, велат од „Отворена порта“ / Фото: ЕПА архива

„Ирена ѝ објаснила на Сандра што треба да работи, но Сандра не прифатила и оттогаш почнале постојани вербални и физички напади врз неа. Сандра била немоќна да се спротивстави. Под закани и присила таа била сексуално малтретирана од страна на клиенти што ги наоѓала Ирена. Парите ги земала Ирена. Сандра била физички малтретирана доколку се спротивстави“, стои во извештајот на „Ла Страда“.

Кога полицијата го детектирала случајот и бил поведен судски процес, тој траел седум години. Толку долго траеле и траумите.

„Не се чувствуваш безбедно, страшно е повторно да се навраќаш, повторно трауми, повторно треба да пиеш апчиња, повторно на психијатар да одиш и сѐ ми се чинеше како од почеток да се повторува. Наместо да гледам кон иднината, јас пак се враќам во минатото цело време, таман ќе заборавам и наместо да продолжам со мојот живот, повторно се враќам назад“, сведочи Сандра за „Ла Страда“.

По завршувањето на судскиот процес, во пресудата ѝ била доделена и сума за надомест на штетата, која никогаш не ѝ била исплатена. Сандра сé уште живее во страв и исчекување дека пак ќе биде повикана на суд и повторно ќе треба да минува низ истите трауми.

„Жртвите на трговија од луѓе, покрај правото на поведување кривична постапка против сторителот, исто така имаат право за поднесување имотно-правно барање за добивање паричен надомест од сторителот поради претрпена материјална и нематеријална штета. Иако на мал број жртви им е судски доделено надомест на штета, сепак не е наплатен бидејќи постапките за извршување се долги и скапи и/или сторителите немаат средства и имот на свое име. Сметаме дека со донесувањето на новиот закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела, кој е во крајна фаза на подготовка, ќе го надмине проблемот кој се однесува на остварување надоместот и ќе овозможи правда за жртвите на трговија“, велат од „Отворена порта“.

Децата жртви не се дел од редовното образование во земјата

Во земјата, доколку малолетната жртва е експлоатирана од членови на семејството, тогаш таа ја сместуваат во некои од малите групни домови или во загрижувачки семејства.

„Сепак, бројот на згрижувачки семејства е недоволен и не сите загрижувачки семејства се специјализирани да работат со деца жртви на трговија со луѓе. Од друга страна, се поставува прашањето дали групните домови како форма на згрижување имаат доволни капацитети за да одговорат на специфичните потреби на жртвите. Во пракса постојат случаи во кои децата што  питаат и кои биле трудово експлоатирани од своите семејства повторно да бидат вратени во своите биолошки семејства поради немањето достапни сервиси и ресурси, кои би помогнале во нивниот процес на реинтеграција“, велат од „Отворена порта“.

„А1он“ разговараше со инспектори, социјални работници, а со жртвите не можевме да имаме контакт, но ни беа пренесени нивните искуства преку трети лица. Заеднички став на сите е дека враќањето во нормала на овие жени и девојки е најголемиот проблем. Под овој поим се подразбира психо-социјална заштита, сместување, школување, здравствена заштита, нешто што во македонскиот систем изостанува.

За да се реши овој проблем во целост, земјата треба да помине долг пат. Во Македонија нема прифатилишта за сместување лица од машки пол, а постојниот капацитет не обезбедува ниту можност за раздвоено сместување на полнолетните и на малолетните лица.

„Затоа, потребно е проширување на сместувачките капацитети на постојното прифатилиште за жртви на трговија со луѓе, како и обезбедување посебно прифатилиште за малолетни и полнолетни жртви. Вклучување на децата жртви на трговијата со луѓе во редовното образование во најкус рок треба да биде приоритет за одговорните институции, особено за старателите на овие деца во целиот процес на заштита и реинтеграција“, велат од „Отворена порта“.

На овој начин заштитена би била и Марија, која би имала можност, конечно, да добие шанса за школување и интеграција во системот.

„Првично треба да се дејствува превентивно, особено во делот на децата Ромчиња, кои многу често се изведени пред суровоста на животот. Верувајте, ако не е ‘Ла Страда’, никој нема да се грижи за овие лица. Па, тргнете од Марија, ова дете е исклучително интелигентно и неговиот исказ е можеби еден од најинтелигентните што сум ги добила во мојата кариера, а воопшто не е школувано, го има само животното школо добиено на улица. Каде е тука државата да се погрижи за ова дете да се школува, каде е тој систем? Патем, не станува збор за толку многу деца за тоа да претставува огромен финансиски проблем за државата“, вели обвинителката Маја Конеска.

Оваа статија/сторија е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија и Советот на Европа. На ниеден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во неа го одразуваат мислењето на Европската Унија или на Советот на Европа

           

Би можело да ве интересира

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Малтретираното дете од Тетово било жртва на трговија со луѓе, потврди Спасовски

Ана Ололовска

ВИДЕО: „Ќе ти ги пратиме братот и сестрата во дом“ – со закана 11 лица три години сексуално злоставувале и препродавале 14-годишно девојче

Анита Петровска Рајковиќ

Гостиварец допирал по тело малолетно девојче

Момче од Берово сакал да обљуби малолетничка

Горан Наумовски

Српски државјани купиле 14-годишна невеста од Скопје за својот син: притвор за четворицата осомничени за Трговија со дете

Ана Ололовска