(ВИДЕО) Жителите на Аеродром бесни: Дојде животот, ама со згради сакаат да ни го одземат

Од:

Жители на Реонски центар Аеродром бараат државата итно да се откаже од изградба на зграда на последната слободна парцела меѓу нивните згради. За истата зграда во предизборниот период сегашниот градоначалник Златко Марин ветуваше дека нема да се изгради и дека просторот ќе се уреди во паркинг. И покрај ветувањето, пред две недели се појавила фирма што го оградила просторот со лимени тараби. Во градилиштето е заграден и тротоарот, па сега учениците се протнуваат покрај тарабите за да стигнат до училиштето во близина или кружат околу зградите, објавува „Макфакс“.

„Единаесет години, условно кажано, водевме војна со претходниот градоначалник и општинскиот Совет, кои беa од ВМРО-ДПМНЕ, и 11 години не изградија ништо на парцелата иако во тој период изградија седум други згради. По 11 години, на заминување, старата власт ѝ дала маркичка за градење на некоја фирма да гради зграда со 35 стана, веројатно со цел да си гради ако остане на власт, ако не тие што ќе дојдат да имаат клин во тркала, да не можат ништо да направат. Наоколу сме 8 згради што имаат потпишано барања да не се гради зграда, туку да се изгради урбанизиран паркинг-плац бидејќи во околните згради има над 1.000 стана што гравитираат на оваа улица и нема каде да ги паркираат возилата“, вели Горјан Вревезовски, жител на Реонскиот центар.

Инвеститор на зградата не е приватна, туку државна фирма, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а и земјиштето е државно. Овој факт уште повеќе ги иритира жителите од околните згради, кои се децидни во барањето да сопре изградбата и просторот да се пренамени.

„Пред една недела бевме во претпријатието за стопанисување со станбен и деловен простор и од таму кажуваат дека планот не може да се менува, меѓутоа наше тврдење е дека тој што го донел урбанистичкиот план, тој може и да го промени. Како е донесен, така во обратна постапка може и да се промени. Граѓаните најмногу ги боли што новиот градоначалник не дошол да види на самото место какви се потребите на граѓаните, да поразговара со нив и да види што е поисплатливо – да се гради паркинг-плац со 60-70 паркинг-места или да се гради зграда што целосно ќе го затвори просторот, кој сега ќе биде полош и од Капиштец, кој како населба сите го критикуваа. Во предизборието беше ветено дека ќе се направи тоа што граѓаните ќе го бараат“, вели Вревезовски.

Тој предупредува дека состојбата со паркирањето и сега е алармантна. Се паркира и на средина на улицата иако просторот треба да остане празен за итни случаи. Веќе имале еден пожар во кој противпожарното возило не можело да се пробие од паркираните возила. Жителите се бесни од незаинтересираноста на Општината и на јавното претпријатие за нивните барања и веќе губат верба дека нешто ќе се смени.

„Какво ќе биде решението на крајот – не знаеме, меѓутоа ако е ова мотото на СДСМ дека доаѓа живот за сите, тогаш да се спремиме сите, да повикаме товарни вагони за стока и да се иселиме од оваа држава. Ова не е барање на еден-двајца, туку е барање на седум-осум згради, тоа се над 1.500 стана“.

И градоначалникот Златко Марин и директорот на јавното претпријатие, Кристијан Трајковски, најавија дека ќе го кажат ставот за новата зграда, но в понеделник. И едниот и другиот вчера беа презафатени да одговорат на прашањата за зградата, а денес исто така двајцата се на службен пат.

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух