Европската комисија е подготвена да даде препорака за Македонија, но условите за сите држави се исти – прашањата со соседите треба да бидат затворени, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешната прес-конференција со премиерот Зоран Заев во врска со објавената стратегијата на ЕК за Западен Балкан.
Жбогар го поздрави договорот за добрососедство со Бугарија како едно од отворените прашања на Македонија со соседна земја. Преговарачкиот процес со Грција тој го оцени како позитивен. Рече дека е оптимист оти двете држави ќе најдат заедничко решение и верува дека на овој начин ќе се отвори патот на Македонија кон ЕУ.
Евроамбасадорот исто така рече дека стратегијата препознава оти во Македонија е направен значаен прогрес во реформите во изминатите месеци.
„Стратегијата поставува временска рамка од две години, која е мошне амбициозна, но и потенцијална, посебно за земјите што се во фаза на преговори за ЕУ, но не се исклучува можноста земјите што треба да почнат со преговори да ги завршат пред оние што моментно преговараат. Од страна на Западен Балкан јасно беше кажано дека засега ниту една држава не е подготвена да влезе во ЕУ. Треба да се промени начинот на спроведување на реформите, како и начинот на преговори. Стратегијата има нова динамика од страна на регионот за да може да ги регистрира овие недостатоци“, рече Жбогар.
Г. Н. Р.