Меѓуетнички побезбедна Македонија мислам дека и никогаш порано не била, паради тоа што народот е гарант и чувар на мирот. Може да има само мешетари и бандити, со кои верувам дека професионалците во безбедносните структури успешно ќе се справат, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Дали стравувате од меѓуетнички конфликт имајќи ги предвид последните случувања?
Меѓуетнички побезбедна Македонија мислам дека и никогаш порано не била. Зошто? Паради тоа што народот е гарант и чувар на мирот и стабилноста и тоа искрено и исконски колку што верувам дека е така од сето она што го имам како мои информации, комуникации коишто постојат во оваа голема партија и слично. Знаете, дури и граничните премини, нè учеа во училиште, може ги чуваат полицајци, армијата или слично, но најмногу ги чува локалното население коешто живее таму. Императивот во потребите на секое семејство, без разлика дали е македонско, албанско, турско, ромско, е спокојот на семејството, извесната иднина на децата, она што секако околу нас околината ја обезбедува, секако и Европа и тоа многу квалитетно го обезбедува, но ние сме многу далеку. Таа желба верувам дека ги води сите и апсолутно ми дава едно спокојство. Но, секако, мешетари коишто би сакале секогаш на бандитски основи да направат некоја глупост постоеле и во силно развиените земји, не само овде, затоа верувам дека, брзо ќе биде спречено пред сè од граѓаните и многу ми е важно, знаејќи дека има големи професионалци во Министерство за внатрешни работи, во армијата наша, коишто пред сè и над сè им е државата наша и тие ќе си ја завршат професионално и успешно својата работа.
Во дел од медиумите се објавува сценарио во кое ве обвинуваат дека го следите примерот од 2001-ва и дека вие сте одговорни за креирање на меѓуетнички тензии. Како ги коментирате таквите тврдења?
Знаете како, 9 години ние сме предавниците во државата. Испадна Заев и СДСМ Се супермен најверојатно, мислам Заев влегол таму слушал со години наназад, ќе испадне дека и кога сум бил на училиште сме слушале. Прво беа странски служби, некои комбиња, апсолутно мислам дека тоа никаде не поминува. Прво, државата е таа којашто треба да ги има работите под контрола и верувам дека ги има, пред сè од професионалците. Ај што е забегана работата од политичарите коишто ги водат институциите, тоа е друго прашање кое веќе и граѓаните го знаат, го дадовме на показ на целата јавност. Во исто време ваква дрска и безобразна власт која узурпирала сè од страна на институции, механизми кои постојат во ова наше општество, апсолутно некој само да го постави прашањето, зарем е можно, таа, таквата уплашена, не знам каква ли не опозиција којашто ја опишуваат да биде креатор на сето она кое провладините медиуми го прават. Јас искрено се надевам дека ја знаат својата одговорност којашто ја носат провладините медиуми, без разлика дали некој стои на потпишан текст или на прилог. Без разлика или не, одговорноста е огромна, сето она коешто денеска така лесно ќе го изусти треба да знае дека во иднина понесува одговорност. Не поради Заев, оти нешто пати од тоа или било што, туку предизвикува некогаш неповратни работи кои се апсолутна штета врз државата Република Македонија.
Која е вашата стратегија по објавувањето на прислушувани разговори?
Обично стратегиите не е добро да бидат однапред соопштени поради тоа што нашиот политички опонент се бори со сите механизми и инструменти кои се во сопственост на Република Македонија, што значи и на нас како опозиција. Ние се бориме со аргументите, доказите кои ги поседуваме, преку прес-конференциите, преку ретко независните медиуми кои постојат и толку. Секако, со посета на граѓаните, преку овие протести кои ги организираме ширум Македонија, од врата до врата, со здруженија на граѓани и слично, тие се нашите инструменти коишто постојат. Но, секако, мора да имаме разработено и план Б, план Ц, план Д, разработени, како можност за да успееме во нашата намера којашто ја имаме. Пред сè, јас верувам дека ќе бидат ефикасни оние планови на најбезболен начин за државата. Зошто велам безболен? Затоа што го чувствувам гневот колку е голем кај граѓаните целиов овој период и при тој гнев не знаете дали оној родител којшто секој ден солзички рони пред своето дете, дали рационално ќе се однесува при организирање на огромен масовен протест, кој секако би ја принудил власта да си оди по владеење од девет години. Тука е тој сензитивен момент кој нè води кон тоа да размислиме неколку пати кој е гарантот на организацијата, каква е таа безбедност која ќе ја гарантираме и слично. Но, времето се наближува, тоа го знаат сите, без разлика дали Заев спомнува 9-ти, 19-ти или 29-ти мај, или кога било, дали ќе организирам ваков протест, многу се важни сите други аспекти на ваквата организација. Ова го зборувам како алтернатива на сценарија и планови. Постојат и други планови, јас не би сакал сега да ги споделам, навистина верувајте секогаш сме биле транспарентни, но во моментот, во почеток на нова реализација ние ќе ги претставиме пред граѓаните преку вас медиумите.
Во однос на демонстрациите што ги спомнавте и тоа што во моментов се водат преговори во Брисел, ако овде не помогне евентуалниот меѓународен притисок, велите ќе следуваат демонстрации за кои постои ризик да добијат насилен тек, имајќи го предвид продлабочувањето на политичката криза. Што очекувате да донесе вакво сценарио?
Значи јас знам дека слободата и демократијата во Македонија треба да ја браниме. Некои викаат дека еве и слободата на Заев практично преку мерката одземање на пасош, со најава дека може да биде затворен, или слично ќе му биде одземена, ниту јас, ниту граѓаните не сме слободни, сиве овие години. Прашањето дали сме во своите канцеларии неслободни или надвор по улиците или неслободни или сме во притвор во затвор или слично, толку е исконски исправена таа универзална вредност којашто ја имавме, а ја изгубивме. За да си ја вратиме, верувам дека одредени средства се оправдани, коишто ќе мора да бидат преземени, но одредени средства се неоправдани. Зошто? Поради тоа што сите викаат, добро и после што. Обично Заев вели, трпение, ве молам бидете трпеливи, пополека, чекор по чекор. Зошто? Баш од тие причини, неизвесноста што ја нуди масовниот одек кај граѓаните е нешто што мора да предизвика водење грижа кај политичарите, организаторите, власта, сите коишто може да поднесат одговорност за ваквите работи. Затоа верувам дека протести ако има мора да бидат ненасилни. Со насилие ние не можеме насилие да избркаме, мора да бидат ненасилни. Тука се поставува прашање, добро, како, ќе дојдете и ќе си идете? Оттука би биле сценаријата кои не требало да ги соопштам како тоа се прави. Има убави примери низ светот како преку ненасилни протести се успеало во целта, да се урне режим или ваква автократија како што постои, јас сум убеден дека можеме тоа да го постигнеме.
Го спомнувате како можно решение преодна влада, може ли да опишете како конкретно го замислувате вие да се спроведе тоа решение?
Преодната влада е најширокиот термин кој при оформување на нашите барања како опозиција го изнајдовме. Можевме да кажеме експертска, техничка, политичка, технократска, можевме да ја доформулираме, но сметаме дека ние не сме единствена страна која треба да одлучува за оваа работа. Прво, тука се ВМРО-ДПМНЕ и другите партии од коалицијата, велиме гревот е во врхушката, не во сите нивни членови и поддржувачи на целата таа коалиција која е на власт. Тука се и албанските партии, вториот наш етнички дел од општеството кој го застапува, тука се турските, ромските, бошњачките, српските партии коишто постојат. Не смееме да го узурпираме правото. Со нашите постапки покажуваме по што сме различни од нив, затоа го дефиниравме широко и сега, како што го кажувам, спремни сме да разговараме за сè. Пред сè на граѓаните да им биде јасно дека тој човек што ќе ја води, ќе биде чесен, добро ќе ја заврши работата, без разлика дали во иднина во таа техничка, не знам еве да ја кажам преодна влада, би бил премиер некој од министрите, би бил министер или слично, важен ќе биде ликот, личноста, на профилот којшто би се дефинирал заедно од сите страни. Така што, таква една конфигурација на преодна влада, сама по себе би била гарант за нормализација на државата и спроведување фер и демократски избори. Највисоко демократско право е слободно изразената волја во секоја земја, некој мора тоа да го обезбеди. А реков, 70 отсто од работите се завршени со тоа што Сашо Мијалков не е таму, Груевски не е таму, Ставрески не е таму, Гордана не е таму, Горан Трајковски не е таму. Готова е работата, завршен е најголемиот дел. Мал дел е тој што таа преодна влада ќе треба да го дозаврши во процесот и постапката којашто би траела во, пак реков, договорен термин, не знам, 6, 9 месеци, 3 месеци, колку е тоа доволно.