(ВИДЕО) Заев-Туск: Одлуката за преговори на ЕУ со Македонија е резултат на реформите и на храброто лидерство

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на Радмила Шекеринска, Заменик претседател на Владата на Република Македонија и Министерка за одбрана, Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, Министер за надворешни работи, денеска во Брисел се сретна со Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск.

На заедничката прес конференција, премиерот Заев ја поздрави одлуката за датум за преговори со Европската Унија – јуни 2019 година, заедно со препораката за скрининг на процесот до стартот на отворањето на поглавјата за преговори, и истакна:

„Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на Европската Унија рекоа: Да, земјата го заслужува тоа!

Европскиот Совет прифати дека Република Македонија од заробена држава, киднапирана од авторитарен режим, за само една година направи пресврт.

За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и општествен дијалог. Со политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина.

Денес, Република Македонија е слободно општество, со еднакви можности за сите, по моделот на Европа за почитување на културната разноличност.

Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес на кој Европската Унија му даде соодветен импулс со одлуката за преговори за Република Македонија.

Следното проширување, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е – во суштина – консолидацијата на Европската Унија.

Таа консолидацијата, која, со право, ја бараат лидерите на земјите членки на Европската Унија, ќе биде потполна кога таа ќе ги прифати во своето семејство земјите од Западен Балкан, што ќе ги исполнат условите – се разбира.

Процесот на пристапување во ЕУ не завршува со отворање на поглавјата за пристапување. Напротив. Според досегашното искуство преговорите, во просек, траат речиси седум години.

Ако ја прифатиме оваа динамика и за Република Македонија, произлегува дека преговорите би завршиле со членство во 2025 година. Токму како што предвидува Стратегијата за веродостојно проширување од февруари оваа година.

Ова е доволно време Република Македонија да ги реализира преостанатите фази од реформите паралелно со преговарачкиот процес.

Пред нас имаме конкретна цел. Сега нам ни преостанува самите да ја завршиме последната домашна задача и потоа гордо да влеземе низ портите на ЕУ.

Искуствата од другите земји кои во последните 20 години се зачленуваа во ЕУ и НАТО говорат за поголем економски раст и поголем пораст на продуктивноста на трудот. Со зачленувањето во ЕУ расте и напредокот во структурните реформи за развој на приватниот сектор. ЕУ е најголем трговски партнер и придонесува за побрз раст на извозот за земјите членки.

Земјите членки на ЕУ покажуваат поголем напредок во однос на институционалната демократија и доброто владеење – слободата на изразување, политичка стабилност, квалитетот на регулаторите, ефективноста на владата, владеење на правото и контролата на корупцијата. Ова ќе бидат големи придобивки за сите наши граѓани“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев во својата изјава за медиумите на заедничката прес конференција со Претседателот на Европскиот Совет Туск, потенцираше дека оваа генерација македонски граѓани одлучи да решава предизвици, за себе, за идните генерации, заради иднината, и дека од таа предодреденост на 17 јуни е потпишан Договорот со Република Грција со кој го надминавме тридеценискиот македонско-грчки спор за името на нашата држава.

„Граѓаните на Република Македонија, повторно во духот на европските демократски манири кога станува збор големи национални одлуки – на референдум ќе се изјаснат за иднината на нашата земја. Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение, и без ниту еден грам сомнеж да бидеме сигурни: Со полн и меѓународно признаен македонски национален идентитет, заштитен и зајакнат, еднаш засекогаш, ја внесуваме нашата земја во семејството на стабилни и развојни земји. Нема назад“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев рече дека со оваа одлука „ЕУ не ја пропушти можноста цврсто да вгради уште една алка во синџирот од вредности што ги афирмираме, чуваме и негуваме заеднички“.

Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск на оваа заедничка прес конференција со премиерот Заев истакна дека одлуката за преговори на ЕУ со Република Македонија е резултат на реформите и на храброто лидерство во Владата на РМ, и истакна дека проширувањето на Европската Унија е значајно и за безбедносните прашања на унијата.

Би можело да ве интересира

Туск: Телефонската дипломатија не може да ја замени вистинската поддршка за Украина

Горан Наумовски

Доналд Туск: Победата на Трамп ќе има последици за европската безбедност

Туск предупреди дека иднината на демократијата во ЕУ зависи од одговорот на миграцијата

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

Зеленски и Туск потпишаа договор за безбедносни гаранции

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ