„Реформи со Никола Груевски внатре не се возможни“, рече лидерот на СДСМ.
Oдговори лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по денешната конференција за печат:
Г-дине, Заев вашите пратеници во Собрание рекоа дека Пржинскиот договор, официјално е погребан, дали тоа значи со денешното неучество на седницата, дали тоа значи дека опозицијата најавува повторно напуштање на Собранието?
– Идните чекори како ќе ги носиме така транспарентно, како и досега веднаш ќе ги соопштуваме. Ние во Парламентот се вративме заради договорот од Пржино и заради интересите на граѓаните. Секако и за да ја искористиме парламентарната говорница, и за Вистината за Македонија и за решенијата од оваа криза во којашто е Република Македонија. Но, истовремено нема да дозволиме да бидеме соучесници во еднострани одлуки на власта од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Денеска, токму тоа го прават за едно од најсезитивните прашања, а тоа е укинувањето на аболицијата. Со овој предлог закон којшто го пуштаат во Собранието, едниот член е неуставен, заради ретроактивноста, и тој ќе биде кога-тогаш укинат од Уставниот суд и е спас за аболицираните криминалци. А вториот член покажува дека само неколкумина евентуално би поднеле барање до Ѓорѓи Иванов, за да им биде поништена аболицијата. Тоа не е ниту правда, ниту правичност. Законот мора да важи подеднакво за сите. Секој којшто го прекршил законот во Република Македонија мора да одговара. Аболицијата мора да биде целосно укината од првиот до последниот што е на листата на аболицирани луѓе на Ѓорге Иванов.
Очекувате да се врати назад за премиер Никола Груевски, по вчерашната одлука за враќање на старите министри?
– Ова е трета или четврта еднострана одлука на Никола Груевски, така да кога се работи за Никола Груевски сè е можно. Тоа нема да не зачуди воопшто да тој повторно се врати на премиерксата функција. Но, како што рековме сите еднострани одлуки досега сами ги погазија. И вчерашната еднострана одлука, за враќање на старата влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ќе ја погазат. И тоа многу брзо. Заради тоа што единствено излезно решение од политичката криза, и единствено решение за стабилност на Македонија се брзи, регуларни, фер и демократски избори. Ниту повеќе, ниту помалку. Реформи со Никола Груевски внатре не се возможни. Зарем некој верува дека Никола Груевски, внатре во Влада ќе направи реформи во правосудството, при живо и здраво Специјално јавно обвинителство, при сите овие истраги ставени на маса пред јавноста. Не. Само брзи, регуларни, потенцирам регуларни, фер и демократски избори се излез од кризата во Македонија. Опозицијата го водеше овој процес. После сето ова што досега го докажавме продолжуваме уште посилно и уште поодлучно. Граѓаните доста време се под заложништво на оваа криминална група, предводена од Никола Груевски. Ова ќе заврши најбрзо можно, но на регуларни фер и демократски избори.
Значи, дали ако веќе можеме да кажеме дека пополека целосно паѓа Пржинскиот договор, дали ќе продолжите со објавување на матријалите?
– Една значајна одредба и тоа една од најзначајните одредби, а тоа е организација на Влада за спроведување на избори, е укината. Буквално заради тоа Пржинскиот договор е погребан. Тоа е нашиот став. Досега не постоеше ниту законска, ниту Уставна можност, Зоран Заев, СДСМ и опозицијата да продолжи со објавување на бомбите, ако тоа биде потребно ние и тоа ќе го направиме. Секако, процесот мора да заврши, криминалците да одговараат пред законот, законот да важи подеднакво за сите, фер, регуларни, и демократски избори мора да се спроведат во Македонија.
Господине Заев дали целото продлабочување на кризата го гледате кај вас како партија бидејќи до извесно време партнерот во коалицијата на Груевски ги именувате како криминалци исто како Груевски , тоа е за ДУИ. Сега веќе тоа не го потенцирате а исто така неколку пати сте имале средби за да барате спас со тие исти криминалци за да се реши кризата.Дали го гледате како партнер или која е целта?
– Никогаш ДУИ не бил поштеден од овде. Нашиот став е исти . Криминалци се и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и ова го прават од тие причини. Јас не гледам никаква причина за да не видат јасно и гласно граѓаните дека се придвижува Македонија кон крајот на излезот од оваа криза. Не можат да очекуват опозицијата да го контролира и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тие се во кашата исто заедно влезени. Дали едните ги помагаат другите или го делат пленот, тоа им е јасно на граѓаните како бел ден и тука бегање нема. Секако, нашиот политички противник е прво ВМРО-ДПМНЕ. Но, заслужни за ова криминално владеење и буквално за сето ова што се случува во Македонија се поеднакво и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и апсолутно ниту сме ги штеделе, ниту имаме намера да ги штедиме. Неколку пати дури и рековме, секој носи одговорност за своите идни чекори пред своите граѓани, дури и пред своите членови и симпатизери на партиите. Груевски тоа што го прави, заедно со ДУИ го прават, колку толку да го залечат тоа што е апатија, антагонизам. Повеќе од јасно е кај нивните членови и симпатизери. И затоа влегуваат се подлабоко во кашата. Но, знаете дека како и досега стапот има два краја. Едностраните одлуки за распуштање на парламентот еве како се вратија. Тие истите коишто предлагаа одложено дејствие на распуштање на парламентот, истите поднесоа барање до Уставен суд. За жал, ги урнисаа институциите како Уставен суд. Да го натерате Уставниот суд во претходните одлуки да носи апсолутно партиски одлуки , за на крај да донесе вистинска уставна одлука, тоа што ние го тврдевме, дека постои уставна и законска можност да се свика парламентот. Буквално си играат играчки со се што е создавано 25 години во нашата Македонија. Тоа е само плус причина да не и дозволиме така да продолжат. Се додека граѓаните се решени, се додека опозицијата е исправена, се додека дишеме ние, нема да дозволиме ништо помалку од регуларни , фер и демократски избори. И ништо помалку од тоа законот да важи еднакво за сите. Аболицијата мора да биде целосно укината, за сите.
Рековте дека единствено решение се брзи избори. Избори на есен, или?
– Избори во коишто ќе бидат исполнети тие минимум услови што ги дефиниравме. Ние не очекуваме реформи во правосудството, во тајната полиција, антикорупциска комисија и сите други укажувања до изборите. Со Груевски тоа не е возможно. Разграничување на партијата од државата, не се надеваме на тоа додека Груевски го води ВМРО-ДПМНЕ. Не е возможно. Но, услови во коишто ќе има кредибилен прочистен избирачки список, список во кој ќе веруваат граѓаните и минимум реформи во медиумите коишто ќе дадат фер шанса, не за здружената опозиција, туку за сите партиципиенти во регуларни и демократски избори, тогаш изборите ќе се случат во Македонија. Да не заборавиме , оваа борба ја отворивме за неколку цели. Една од најважните е брзи избори. Зошто? За да замине оваа криминална власт од Република Македонија.
Рековте повлекување на одлуката за аболиција, дали ќе побарате повлекување и на претходната одлука од поранешниот претседател за аболиција за случајот Глобал каде што вие бевте обвинет?
– Од 2008 Зоран Заев бара повлекување на аболицијата. Тогаш не ми беше дадена правна можност да ја повлечам аболицијата, ниту бев прашан за оваа работа. Сега имам правна можност и ја обжалив пред апелација и пред Стразбур. И аболицијата од 2008-ма ако ми се даде можност веднаш ќе побарам да биде повлечена или ако има било каква можност Ѓорги Иванов или било кој во оваа земја барам да биде укината. Затоа што законот мора да важи поеднакво за сите во Република Македонија.
Рековте дека на денешната седница нема да присуствувате . Дали значи дека конечно со ова опозицијата излегува од Собранието да појасните ако може и второ прашање дали сметате она што ДУИ го рече вчера дека ви направил услуга со иницијативата за враќање во парламентот?
– Благодарам на таквата помош од ДУИ. Фала, не ни треба. ДУИ можеше слободно да оди со ВМРО-ДПМНЕ на избори , тоа ќе беа повторно еднострани избори. Што ќе бираат кога само власта се нуди пред граѓаните. Апсолутно тоа ништо немаше да промени. Ние трубавме дека постои секаква уставна и законска можност. Вчера беше само отворена иницијатива во Уставен суд, одлуката ќе се носи идната среда. Тие најверојатно ја знаат и предвремено самата одлука на Уставниот суд. Тоа само покажува колку дрскоста и безобразието, навлезено длабоко во кашата е присутно и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај ДУИ. Трајко Вељановски имаше и уставна и законска можност кога сака да го свика Собранието. Уште што требаше да му стигне од ДИК? Уште што требаше да се случи во Македонија? Па светот ни се смее. Една коалиција оди на избори. И продолжува Груевски а ДУИ молчи. Барале решение за излез од кризата. Фингирани ситуации пред јавноста. Смешно е тоа што го прават владеачките партии, но јас ги разбирам. Не им се оди во затвор. Бегање од одговрност нема. Можат само да ја мачат Македонија и да одат во затвор. А, можат и да не ја мачат повеќе Македонија и да одат во затвор. Од тоа бегање нема.
Првиот договор од Пржино порпадна, вториот пропаѓа. Сметате ли дека Македонија и граѓаните заслужуваат Пржино 3, мислам во смисла негативна зошто само се одолговлекува за оваа работа, а ништо не се решава?
– Се што ќе доведе до решение, дали ќе го викате враќање на Пржино 1 и 2, дали Пржино 3, коешто ќе претставува решение за излез од кризата, а со тоа и гаранција за стабилност во Македонија за нас е прифатливо.
Дали, бидејќи вие и јавно кажавте дека ја поддржувате шарената револуција, дали зависи од граѓанските организации и невладините, планирате да започнете нешто ново ?
– Секојпат постоела лепеза на можности за опозицијата, посебно кога вистината е на наша страна. Секако оваа партија стана поинаква, ги слуша граѓаните, и тоа ги слуша и поддржува. Денеска имаме едно драгоцено богатство, граѓани на улица кои ненасилно и мирно протестираат. Тие граѓани ќе си ја чуват Македонија од било која наредна власт, и од СДСМ и од било која друга што ќе доаѓа. Тоа е еден нов квалитет и здраво за општеството.
За СДСМ е прифатливо се коешто ќе ги исполни принципите за коишто се бориме: регуларни, фер и демократски избори. Тие во себе ја содржеа и потребата за влада којашто ќе ги реализира изборите. Зошто? Заради што тврдевме не може да и веруваме на оваа влада. Мора да споделиме заедно одговорност, мора на практичната реализација на тоа што го договаравме порано на преговорите да бидат гарантори и власта и опозицијата. Заради тоа беше ставена точката на реализација на влада за спроведување на изборите. Оттука сите можни сценарија се отворени. Уште еднаш потенцирам, ние не веруваме во насилство. Ние мислиме дека на Македнија не и треба насилство. Ние мислиме дека Македонија може по мирен пат да докаже пред целиот свет дека е можно да падне режим без примена на насилство, по мирни и ненасилни методи од страна на граѓаните, секако подржани од сите опозициони и сите други партии коишто учествуваат во ваквите активности коишто се случуваат по Македонија.
Дали сега кога решенијата за враќање на старите министри станаа реалност сметате дека е направено со знаење на меѓународната заедница?
– Тоа ќе мора да ја прашате меѓународната заедница. Јас знам дека меѓународната заедница даде подрршка на таа преодна влада за организација на избори и тоа јавно го истакна. Ќе ја прашате дали дава поддршка на ова. Ако дава поддршка на ова, дали таа се откажува да биде гарант на договорот од Пржино? Јас лично верувам и ние како опозиција веруваме дека меѓународна заедница останува на своите принципи и вредности зад коишто секогаш стоела. Во тој дел неслучајно договорот од Пржино се спомнува во секое нивно соопштение и секоја нивна реакција. Договорот од Пржино покрај враќањето на опозицијата во парламентот и покрај предавањето на материјалите од прислушуваните разговори предвидува и реализација на Влада за спроведување на избори. Но, директен одговор за сите овие прашања можете да добиете од меѓународната заедница.
Господине Заев, какви последици очекувате од сето ова што се случи со договорот од Пржино. Очекувате ли последици за СЈО?
– Никој нема право и не смее да се дрзне кон СЈО, затоа што СЈО е последната насушна потреба која опстојува согласно договорот од Пржино. Не верувам дека некој ќе се дрзне да направи нешто по повод СЈО. Тогаш мислам дека гневот на граѓаните толку силно ќе се излие на улиците и домашен и меѓународен фактор нема да го спречи тој гнев.