(ВИДЕО) Заев: Партнерството меѓу Владите, приватниот сектор и образовните системи обезбедува напредно општество

Од:

Премиерот, Зоран Заев, денеска присуствуваше и имаше обраќање на свеченото отворање на Институтот за бизнис и менаџмент од Хајделберг со седиште во Скопје, кој во соработка со Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), ја организираа Првата меѓународна конференција со наслов „Меѓународни стандарди за контролинг-имплементација во пракса“.

Премиерот на Конференцијата на која присуствуваа и истакнати професори и претставници на бизнисот и јавната администрација ја истакна важноста на отпочнувањето со работа на Германскиот институт за извршно образование во Република Македонија, кој во главниот град го основа Форум Институтот за менаџмент од Хајделберг и рече:

„За угледот на ФОРУМ Институтот за менаџмент од Хајделберг, како меѓународна група на институти што се занимава со обука на корпоративни специјалисти и директори, како и на студенти на специјалистичко образование, зборуваат фактите: 1.500 настани годишно, 4.500 семинарски денови и 20 илјади учесници годишно, првокласни предавачи и актуелни теми. Една од најважните карактеристики во работењето на овој институт е тесната врска со праксата, односно со бизнис и претприемачката реалност и вкрстувањето на таа пракса со најновите трендови од економската наука. Оваа карактеристика е од извонредно значење за промоција на претприемништвото како современа деловна и развојна филозофија на приватните и јавните, на стопанските и нестопанските претпријатија, и на профитните и непрофитните организации“, потенцираше Заев.

Премиерот додаде дека улогата на владите е да обезбедуваат мотивирачка средина за севкупниот приватен сектор. Да создаваат и спроведуваат услови за бизнис и за менаџирање со фер и транспарентна регулатива.

„Оттука, неизоставно доаѓаме до следниот заклучок – доколку сакаме реализација на нашите развојни цели, доколку сакаме да изградиме општество што расте и напредува, приватниот сектор, владите и образовните системи мора да работат заедно. Мора да создаваат искрено партнерство помеѓу себе“, наведе Заев.

Притоа тој посочи еден пример со цел да ја потврди низ пракса неопходноста од партнерство меѓу приватниот сектор, владините политики и образованието.

„На крајот од 50-тите години, 78 отсто од Корејците биле неписмени. До 1970 година, приходот по глава на жител достигна едвај 900 долари. Сепак, Јужна Кореjа знаеше дека образованието е најдобриот начин да се извлече од економската криза. Затоа се фокусираше на преструктуирање на училиштата и на посветеноста на едукација на секое дете. Заедно со паметните, иновативни владини политики и со енергичниот приватен сектор, денес, Јужна Кореја има стапка на писменост од 98 отсто, спаѓа во групата земји со високи примања по глава на жител, со 26.000 долари во 2016 година и претставува пример за успешен економски развој и модел за други земји“, истакна премиерот.

Тој констатираше дека светот се менува брзо, а образованието продолжува да го поттикнува растот и просперитетот.

„Имајќи го сето ова предвид, како и профилот и мисиите на Форум Институтот за менаџмент од Хајделберг и нивните партнери, убеден сум дека оваа високо образовна институција ќе ги донесе новите трендови во високото специјализирано, последипломско образование и во нашата земја“, потенцираше премиерот.

Би можело да ве интересира

До Владата засега не е пристигнато предлог-решение за правична застапеност, вели Митева

СДСМ: 100 дена Влада на Мицкоски, 100 дена изговори, скандали и разочарувања

Пензионерите од денеска со повисоки пензии за 2500 денари

ДУИ: Одлуката на ЕУ да ја одвои Албанија од Македонија е најголемиот неуспех за владата

Во Охрид во тек е меѓувладината седница на македонската и на унгарската влада

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост