(ВИДЕО) Заев: Определени сме да ги следиме и сите препораки од Европската Платформа за вклучување на Ромите

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа присуствуваше на чествувањето на Светскиот ден на Ромите во Македонската опера и Балет.

Во обраќање пред присутните гости на свеченоста, меѓу кои беа и претставници на дипломатскиот кор, пратеници од Собранието на Република Македонија и министри од Владата на Република Македонија, честитајќи го празникот, Премиерот Заев истакна дека општината Шуто Оризари е единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и каде што ромскиот јазик е официјален јазик покрај македонскиот јазик.

Тој потсети дека од 2001 година, со направените уставни измени, и Ромите се рамноправен народ во Република Македонија, и додаде:

„Се изборивме лани, заедно, за изградба на Република Македонија во Едно општество за сите, со еднакви права и должности пред законот. И се почувствував гордо за овие придобивки, со коишто сигурно се гордеете и вие, што не беше лесно ни да се постават како цел, ниту да се дојде до нив. Но факт е дека мора да се постигне ниво на достоинствени услови за живот кон што сме насочени.

Претседателот на Владата на РМ нагласи дека Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, освен што е бележник на ромската култура е и ден на граѓанската свест, и повика на уште повисока граѓанска свест за потребите на граѓаните Роми во нашето општество!

„На сите нас, од сите националности и вери, деца, стари, возрасни, ни требаат и образовни и културни права – но потребен е и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се граѓаните Роми“, рече Премиерот Заев.

Тој укажа на фактот дека веќе се направени првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието, на што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во рамки на централната власт и во соработка со општините и со граѓанските организации, и истакна некои од поважните активности како што се проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи во текот на учебната 2017-2018, основањето на 12 ромски информативни центри, во 12 општини.

Се работи активно на терен, на информирање, советување, повикот до сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, да поднесат барање за дополнителен упис, Програмата за ослободување од плаќање здравствена партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош, Имплементацијата на новиот Проект за социјално мапирање, финансиран од Европската Комисија, како и повеќе други иницијативи за социјална кохезија и еднаков развој во општеството.

„Сакам да потенцирам дека силна е политичката волја на Владата на Република Македонија, за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија. Со овие ангажмани се постигнува изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјава. Определени сме да ги следиме и сите европски препораки, меѓу коишто е и Европската Платформа за вклучување на Ромите“, рече премиерот Заев на свеченоста по повод Меѓународниот ден на Ромите.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада