(ВИДЕО) Заев: Граѓаните од трите земји ќе се движат без ПЦР тестови и само со лични карти

Од:

Лидерите на трите балкански држави на видео-конференцијата „Мал Шенген“ потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во борбата против Ковид-19.

Како што беше претходно најавено, на конференцијата зема учество македонскиот премиер Зоран Заев заедно со министерот за здравство Венко Филипче како и премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

На видео-конференцијата помеѓу Еди Рама и Ана Брнабиќ покрај Меморандумот беше потпишан и меѓудржавен договор за слободно движење на граѓаните со лични карти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е многу среќен и горд што трите земји го потпишаа Меморандумот за разбирање и соработка во борбата против Ковид-19, како што рече тој преку Меморандумот земјите ќе можат заедно да разменуваат информации и ќе превземаат мерки во борбата против коронавирусот.

„Важно е со тоа да создаваме поголема блискост и доверба, да можеме и на најконкретен начин да им помогнеме на нашите луѓе. Со овој меморандум ќе можат нашите болници да ги примат на лекување луѓето од С. Македонија и Албанија кои се заразени со вирусот и на тој начин ќе постигнеме поголема меѓусебна сигурност“, рече српскиот претседател.

Вучиќ истакна дека е многу важно тоа што земјите меѓу себе не ги затвораат границите оставајќи простор заедно да се борат со вирусот бидејќи тој не познава националности.

„ММФ предвидува дека нашите три земји во следниот период од три години ќе имаат најголема стапка на развој во овој дел од Европа и верувам дека со дополнително поедноставување на процедурите и зголемување на капитал и луѓе можеме да постигнеме многу кога формално ги решивме сите пречки. Ќе имаме многу повеќе Албанци во Ниш што сакаат да ја посетат Србија, но и многу Срби што сакаат да ги видат Драч, Тирана и Валона и сите други места во Албанија, како што сакаат да ги видат Скопје, Охрид и Велес во С.Македонија“, рече Вучиќ.

Премиерот на Албанија, Еди Рама потпишувањето на Меморандумот и меѓудржавниот договор за слободно движење на српските и албанските граѓани со лични карти ги оцени како историски чекор напред за трите земји.

„Среќен сум што од утрешниот самит во Софија почнува една нова фаза на нашата тесна соработка и Косово ќе се предружи на иницијативата. Многу е важно таму да ја повториме нашата посветеност за интеграција на балканските земји во ЕУ и зелениот договор кој сите го прифаќаме. Цврсто сум уверен дека оваа иницијатива ќе расте и ќе ни помогне на сите нас“, рече албанскиот премиер.

Рама додаде дека за земјите не постои друг пат ниту можност од меѓусебна соработка и комуникација за подобра иднина, тој исто така, упати благодарност за денешната иницијатива и организацијата на македонската влада.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека оваа иницијатива е во целосна согласност со Берлинскиот процес.

„Со денешниот Меморандум кој го потпишавме го поставивме патот за уште подобра соработка за нашите соседни земји, сакаме да го олесниме животот на граѓаните и да поставиме основи за економско закрепнување, почнувајќи веднаш да работиме на кординација во обезбедување на вакцина за Ковид-19“, рече Заев.

Тој истакна дека земјите треба меѓусебно да се подржуваат и помагаат во период на пандемија и соопшти дека граѓаните од трите земји ќе се ослободат од ПЦР тестови односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар при влез во Србија, Албанија и Македонија.

„Граѓаните на Северна Македонија веќе неколку години ја имаат можноста да патуваат со лична карта во Албанија и Србија. Денеска би сакал да го поздравам договорот меѓу Албанија и Србија со што и граѓаните на двете земји ќе можат со лична карта да патуваат меѓусебно. Ваквите договори во интерес на граѓаните ја зајакнуваат регионалната соработка“, рече Заев.

Трите земји, како што кажа тој, продолжуваат интензивно да соработуваат и да ги решаваат препреките кои на граѓаните ќе им овозможат многу подобар живот.

Заев изрази задоволство што и Косово ја прифатило поканата и се приклучува на овој процес за унапредување на регионалната соработка, а верува дека многу бргу и Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе се приклучат.

„Убеден сум и ве уверувам сите дека ќе има само придобивки повеќе за нашите граѓани и за нашите економски оператори“, додаде Заев.

Би можело да ве интересира

Ковачевски за средбата со Заев и Ахмети: Зборувавме за настапот на партиите на изборите и за членството во ЕУ

Александар Тодески

Ковачевски за писмото на Заев: Во демократија секој има право на став

Блиски луѓе на Заев ќе работат за фирма на белоруски конзул во Македонија: Кој ќе копа јаловина во РЕК Битола за 25 милиони евра

Орце Костов

Ципрас во Струмица на гости кај Заев

Заев: Очекуваме грчката страна да го исполни делот од Преспанскиот договор кој се однесува на патоказите

Груби: Ќе има Албанец премиер, договорија Ахмети и Заев, потврди и Ковачевски

Катерина Ѓуровски