Премиерот Груевски, а и неговите министри ме повикуваат да одговорам дали јас лично сум давал тендери на мојот татко или на мојот чичко. Господине премиер, Ви одговарам конкретно, јасно и прецизно.
Не! Јас овој тендер го немам дадено на мојот татко или на мојот чичко. Институцијата која склучила договор со фирмата на моетот семјество е детската градинка “Детска радост”. Таа институција има одговорно и службено лице кое не се вика Зоран Заев, рече на прес конференција претседателот на СДСМ.
Според него, институцијата е под надлежност на општина Струмица, а целата постапка е спроведена во процедура што законот ја пропишува.
– Законот за спречување на судир на интереси и законот за корупција јасно прецизираат кога и во каков случај има судир на интереси. Во овој случај нема ниту непотизам, ниту судир на интереси. Доколку имаше судир на интереси, а со тоа и кршење на законот, вашата власт досега ќе имаше поднесено кривична пријава и тоа најверојатно со мерка притвор за Зоран Заев, рече претседателот на СДСМ.
– Господине Груевски, Вие сте на чело на владата и лично одговарате за работата на институциите. Ве повикувам, доколку постои било каква незаконитост во оваа постапка, тоа јавно да и го соопштите на јавноста во Македонија и да поднесете соодветни кривични пријави против мене.
Господине Груевски, престанете да трошите огромни суми народни пари за да не наклеветите сите од опозицијата дека сме криминалци. Зарем не се срамите што во сиромашна држава, каква што ја направивте Македонија, само минатата 2012-та година, Вашата влада потрошила најмалку 25 милиони евра за саморекламирање на медиумите? Податок констатиран во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и на Европската Комисија.
Провидни се лагите, невистините и пропагандата што го следат вашето седумгодишно владеење.
Со кој образ Вие господине Груевски говорите за непотизам и криминал. Вие што ја предводите најкриминалната влада во историјата на Македонија.
Ајде сега и јас да Ве прашам нешто многу конкретно и од исклучително значење за граѓаните:
– Дали е непотизам назначувањето на Вашиот прв братучед Сашо Мијалков за директор на ДБК?
– Дали со ваквата поставеност на Мијалков му овозможивте да има неконтролирана моќ, да сее страв и трепет во државата?
– Дали Сашо Мијалков е создавачот на Вашата криминална олигархија која според некои проценки има стекнато личен капитал во вредност од фантастични една милјарда евра?
– Дали во овој случај Никола Груевски и Сашо Мијалков имаат судир на интереси и заеднички семеен бизнис интерес?
– Дали е непотизам и судир на интереси господине Груевски назначувањето на другиот Ваш братучед, братот на Сашо, Влатко Мијалков за советник на директорот на македонската царина, со задолжение во име на фамилијата да ја организира и контролира целокупната трговска размена на земјава?
– Дали господине Груевски поставувањето на Вашиот кум, Зоран Ставревски, за газда и трошач на парите на граѓаните по Ваша и наредба на братучедот Мијалков е нормална практика, или тоа е невиден скандал?
– Дали Вие, Мијалков и Ставревски сте мозокот на операцијата во која последниве 7 години се одлеани повеќе од 3,5 милијарди евра пари на граѓаните во непознат правец и во приватни џебови? Ова е грабеж од епски размери што го разори македонското стопанство, ги упропасти домашните компании, а на граѓаните им натовари тешка сиромаштијата?
Господине Груевски, осма година ја водите државата, 12 години сте власт во Македонија. На овие, но и на многу други прашања ќе морате да одговорите. Кога – тогаш, рече Заев.
– Наместо да се срамат вашите министри и да повикуваат нивни колеги од Косово кој не ги удостојуваат ниту со телефонски разговор на телевизиски дуел, јас Ве повикувам вас. Соберете храброст и прифатите, на домашен медиум, пред очите на јавноста, да ги соочиме фактите и аргументите. Па граѓаните нека пресудат кој е криминалец, а кој чесно ја врши функцијата.
Јас сум тука господине премиер. Достапен во секое време за надлежните институции. Ниту имам што да кријам, ниту пак Вие ќе ме исплашите со спектакуларните апсења и заканите кон мене изречени при ставање темели на затворска установа.
Господине Груевски, не Ви се плашам, туку Ве сожалувам. Распадот на Вашиот режим ја оптеретува Вашата свест со сеништа. Гледам јас сум новото Ваше сениште. Сеништа во семејството, сеништа во опозицијата. Панично стравувате дека и едните и другите ќе Ви ја запечатат судбината.