Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска беше покровител на одбележувањето на 20-годишината од воспоставувањето и работата на институцијата Народен правобранител во Република Македонија.
Свеченоста за овој јубилеј, што се поклопува со одбележувањето на 10-годишнината од постоењето на Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот, чијшто домаќин на Годишното собрание овие денови е нашата држава, се одржа во Собранието на Република Македонија. На неа се обратија премиерот Заев, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, народниот правобранител Иџет Мемети, претседателка на Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот и омбудсман на Република Албанија, Еринда Баланца, Бојана Урумова, заменик директорка во Канцеларијата на комесарката за човекови права на Советот на Европа, која пренесе порака од комесарката Дуња Мијатовиќ, а имаше и видео обраќање од Емили Орајли, европски омбудсман.
Пред присутните претставници на законодавната, судската, извршната власт, претставници на Канцеларијата на Народниот правобранител во Република Македонија и од регионот, амбасадори во земјава, претставници на институции и организации, медиумите, претседателот на Владата, Заев рече:
„Aко некој има можност да ги поправи работите, тоа значи дека има должност да го стори тоа.
Знаеме, како премиер и како Влада, дека Народниот правобранител е една од најважните алки меѓу граѓаните и системот во остварувањето на човековите слободи и права. Ве уверувам – ќе придонесеме, со сè што е во наша надлежност, за да го унапредиме ефикасното и достоинствено функционирање на институцијата Народен правобранител во Република Македонија.
Тоа што сме овде заедно, носители на извршната, законодавната, судската власт, за да го одбележиме значајниот јубилеј – 20 години Народен правобранител во Република Македонија, означува висока свест кај сите во општеството, политичари, институции, организации, граѓани, дека власта не смее да значи моќ, затоа што таа, во демократските општества, во какво што ја градиме нашата држава, е пред сè и над сè – одговорност.
Поддршката на свеченото одбележување на овој 20-годишен јубилеј на институцијата Народен правобранител, како и на 10-годишнината од постоењето на Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот, чијшто домаќин годинава е нашата држава, нека биде порака дека ја знаеме нашата должност.
Народниот правобранител, како институција најдостапна на граѓаните, мора да дозволиме да стои на браникот на заштитата на човековите слободи и права.
Граѓаните на Република Македонија имаат потреба да живеат во правна и праведна држава и должни сме Република Македонија да ја изградиме во праведна и правна држава, подеднакво за сите. Без привилегирани! Со тоа придонесуваме за заштитата на слободата, и развојот на правата и правдата насекаде во светот.
Почитувани присутни, почитувани народен правобранител Иџет Мемети, правобранители и претставници на институцијата Народен правобранител во Македонија и од регионот, почитувани претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери и пратеници во Парламентот, почитувани Еринда Баланца, претседателка на Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот и омбудсман на Република Албанија и Бојана Урумова, заменик директорка во Канцеларијата на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, почитуван претседател на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани и претставници на медиумите, почитувани претставници на Владата на Република Македонија, почитувани граѓани,
Институционалното зајакнување на Народниот правобранител беше меѓу приоритетите во реформите на правосудниот систем и на разузнавачките и безбедносните служби, што ги спроведовме со Планот 3-6-9 и ќе остане на приоритетната листа и во идните реформски потфати на Владата.
Овозможивме, за не цела година зајакнување на кадровските капацитети на Народниот правобранител, со 10 нови вработувања во Канцеларијата на Народниот правобранител.
Во формираниот Совет за следење на имплементација на значајните реформи во правосудството за период 2017 – 2022 година, член е и Народниот правобранител.
Дадени се ингеренции на Народниот правобранител и во дефинирањето модел и правна рамка за надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата, во соработка со Советот на Европа и со Народниот правобранител.
Согласно усвоениот модел од Владата, за надворешниот механизам, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе се формира посебно одделение кое ќе биде надлежно единствено за гонење на кривичните дела сторени од страна на вработените на МВР и припадниците на затворската полиција.
Но исто така, и кај Народниот правобранител ќе се формира посебно одделение.
Од страна на Парламентот, за оваа цел веќе се донесени изменувањата и дополнувањата на Законот за Народниот правобранител, со коишто се овозможува создавањето посебно надворешно тело, како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и припадници на затворската полиција.
Предвидено е во рамките на Народниот правобранител, да биде формирана таа посебна организациска единица – механизам за граѓанска контрола, со тројца претставници од невладини организации, кои заедно со Народниот правобранител ќе преземаат потребни дејства и мерки за заштита.
Покрај овие заложби на Владата, сакам да апелирам до сите институции во државата, за максимална отвореност кон институцијата Народен правобранител и за комуникација поставена на висока професионалност, доверба и одговорност.
Тоа што во 20-годишното постоење на Народниот правобранител, над 120.000 граѓани ги отвориле вратите на институцијата, говори колкава е потребата од овој орган, во којшто и светот веќе препознава важен национален превентивен механизам и промотор на слободите и правата на граѓаните.
Свесно не говорев за досегашни системски слабости – сакам и порачувам да гледаме напред – кон иднината на нашите граѓани, во Македонија и во светот.
Народен правобранителе, претставници на Канцеларијата на Народниот правобранител во Македонија, омбудсмани од регионот, Европа и светот:
Ја имате поддршката на Владата и на граѓаните на Република Македонија. Возвратете со совесна и одговорна работа. Потребни сте.
Честит јубилеј 20 години Народен правобранител во Република Македонија и 10 години од постоењето на Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот, чие годишно собрание, оваа годинава е во нашата држава. Верувам дека ќе се покажеме како добри домаќини“, рече во обраќањето во чест на јубилејот на институцијата Народен правобранител претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.