Собранието на Република Македонија во среда ќе ја продолжи расправата, Предлогот за огласување именување на Јавен обвинител на Република Македонија, што е на дневен ред 12. седница.
Во попладневниот дел од расправата, пратениците од опозицијата обвинија дека со процедурата за јавниот оглас се прекршува членот на законот кој спред нив, СДСМ барала да се внесе во Изброниот законик. Тие потсетија дека и Владата на РМ се оградува од, како што истакнуваат, какви било процедури и оти ги ставаат во мирување сите разрешувања и именувања на функционери за после изборите.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Владата на РМ која ја предводи СДСМ и коалицијата се оградува од какви било процедури и носи комисиско мислење во кое се вели дека заради изборите и заради членот 8а ги стават во мирување сите постапки за именување и разрешување функционери кои се незавршени после распишувањето на локалните избори.
-Тоа значи дека Владата била свесна и се покрила себеси за да не направи неправилности, рече Миолошоски.
Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, со огласот за Јавниот обвинител наместо да се зборува за постапки за подобрување на квалитетот за обвинителството, треба да се зборува за прекршување на законите кои сами ги прават. Тој на пратениците на мнозинството им порача да не си го рушат својот кредибилитет, бидејќи, според него, Владата со комисиското мислење си го заштитила нејзиниот, а на колегите од владејачкото мнозинство им порача да си се повикуваат на правото на имунитет при кршење на законите.
Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ рече дека не е прекршен ниту еден закон во постапка за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски и ги потсети колегите од опозицијата дека во 2013 година кога биле распишани избори на 11 јануари, веќе на 21 јануари односно за десет дена, тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ го именувала Зврлевски за јавен обвинител и праша зошто тогаш не е реагирано за ова.
Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија повтори дека нема дилема дека е прекршен Изборниот законик и дека мислењето на Антикорупциската комисија треба да се почитува. Нагласи дека Владата го почитува мислењето, но оти Собранието го крши законикот.
За Павле Богоевски одлуката не е противзаконска. Појасни дека Зврлевски е разрешен поради незаконско вршење на дожноста. Според него, кога ВМРО-ДПМНЕ биле на власт, тие вработувале многу луѓе за време на распишани избори.
Петре Шилегов од СДСМ нагласи дека Македонија мора да има нов Јавен обвинител заради доброто на државата.
– Тоа што за некого од вас лично ќе заврши лошо, тоа е ваш проблем. Стопати сум ви рекол, кој што дробел, тоа срка. Никој не ве тераше да се зацапате во криминал, никој не ве тераше да влезете во корупција и да обвинувате овде, елементарно непознавајќи ги правните процедури, дека некој со избор на Јавен обвинител се обидува или крши законски пропис заради мислење на, во најмала рака кажано, комприомитираната Антикорупциска комисија која е перјаница и заштитник на криминалот, рече Шилегов.
Тој појасни дека ќе се распише огласот за јавниот обвинител, дека ќе си течат роковите, а изборот ќе биде извршен после изборите. Шилегов на колегите им порача да не се плашат од јавниот обвинител, односно, како што рече, доколку се невини откако ќе бидат процесуирани тие дури можат и политички да бидат појаки.
Претседателот на Собранието Талат Џафери продолжението на седницата го закажа за задутре во 11 часот.
Пратениците претпладнето ја започнаа работата по точките од дневниот ред на 12. седница на која се ставени неколку закони по скратена постапка, како и Предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието.
Владејачкото мнозинство го поддржа предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на дневен ред, по скратена постапка да бидат ставени три нивни закони.
По скратена постапка ќе се носи пакет закони предложен од владејачкото мнзоинство. Овие три закони предвидуваат минималната плата да биде 12.000, надоместок за одредена група стечајци и укинување на радиодифузната такса, предложени од владејачкото мнозинство.
Владата предложи по скратена постапка да се носат и измените на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина со којшто, како што меѓу другото кажа министерот за здравство Арбен Таравари, предвидува болниците да одлучуваат кој доктор ќе оди на доусовршување во странство а не како досега министерот за здравство.
На дневен ред по скратена постапка се ставени и три предлози на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за што гласаа и пратениците од владејачкото мнозинство.