Изразил каење и признал вина. Ова е епилогот од трите распити на возачот Јордан Ѓ. кој ја усмрти 24-годишната Викторија Николова. Неговиот адвокат Душко Јанковиќ за „А1он“ посочи дека според субјективните проценки на осомничениот возач, тој возел со брзина од 40-45 километри на час, што е во границите на дозволената брзина. По несреќата, му се одземале нозете и рацете, што според адвокатот, било причина што не излегол да помогне.
„Сега, на некој начин, тој даде признание на вина, не избега од таа опција. Факт неспорен е дека ја удрил. Може тоа слободно да се сфати како признание, така беше и на тоа останува. Но, ако, Обвинителството понуди потполно поинаква приказна и сценарио, кое за наше сфаќање не се соодветна на настанот, може да продолжиме со постапката до крај и да видиме како ќе биде“, вели Јанковиќ за „А1он“.
Според доказите од Обвинителството, ќе се темели одбраната. Најважно за возачот и адвокатот е сообраќајното вештачење кое ќе утврди брзина на движење.
„Обвинетиот цело време, фактички од синоќешниот настан е во шок, стрес. Дури и кога бил во болница да му испитаат урина и крв, самите доктори дека не е контактибилен, понудиле да му дадат средство за смирување. Тој се каеше денеска и пред исказот во Обвинителството и тука кај истражниот судија. Самото тоа му е веќе доживотна казна, ако ме разбирате. Самото тоа, кога тој ќе легне, секоја вечер во наредните, не знам, 50-60 години, таа слика ќе му излегува пред очи. Ова не е посакувано дело, ова не е нешто што се прави со умисла, ова е нешто, таква случка, која на секому од нас кој што оди на работа наутро, не дај Боже, како и да навраќање, да му се случи. Тоа е. Таков тип на дело е“, посочи Јанковиќ за „А1он“, кој на прашањето зошто не излегол од возилото да пружи помош по несреќата додаде: Толкав стрес има доживеано што нозете и рацете му беа одземени. Фактички неговиот другар кој се возел, тој е тој што во негово име се јавил да дојде Брза помош да интервенира. Тој не можел да излезе, останал цело време во кола, наредните половина час, додека полицијата не го извадила да го носи на клиника. Едноставно бил укочен целиот. Тоа е голем стрес. Знам дека вака ќе делува дека јас како негов адвокат го бранам, меѓутоа, ако се ставите во негова положба, стварно е стрес, како за очевидците, така и за него“.
Во врска со брзината на возење, тоа не било над дозволените граници според сведочењето на возачот. Адвокатот Јанковиќ вели дека тоа е негова произволна субјективна проценка, како што тој ја сфаќа.
„Ќе има вештачење посебно, кое ќе утврди брзина. Меѓутоа со оглед на околностите и движењата на другите коли, не верувам дека е повеќе од 50 на час. Проблемот е што покојната нели и дечкото од Радовиш, претрчувајќи преку пешачкиот премин, нему му бил блокиран погледот од другата колона на автомобили, во тој момент се нашле пред него. Неговата реакција била во моментот исправна и брза, но прекратко за да може да застане“, рече Јанковиќ за „А1он“.
Адвокатот тврди дека има траги од кочење.
„Не се ни активирани воздушните перничиња. Самото по себе кажува дека не било екстремно голема брзина. На таков удар, ако имало голема брзина, автоматски тие ќе се активирале, двете. Ни едно не е активирано, а возилото е ново“, вели Јанковиќ за „А1он“, а на констатацијата дека предниот дел на возилото е целосно уништен од ударот во загинатата Викторија, тој додава: „Тоа зависи од материјалот кој е вграден во колата, хаубата. Ова не е како порано што беа, ‘лада москвич’, лим и железо. Ова сепак се алуминиум и пластика. Тоа ќе го оставиме на вештите лица во постапката“.
Како што веќе објавивме, на возачот му е одреден 30-дневен притвор по што е пренесен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Адвокатот Јанковиќ кој го застапува, најави жалба.
Обвинителството веќе потврди дека семафорите на кои поминувала 24-годишната радовишанка која загина, во моментот не работеле. Возачот не застанал на обележаниот пешачки премин и со поголема брзина од пропишаната ја прегазил и усмртил. Тој не пружи ниту помош, односно не излезе од автомобилот по несреќата. Првиот момент кога го напушти возилото беше по 15 минути, кога дојдоа првите екипи на полицијата.
Момчето на починатата помина со набиеници на карлицата и тешки трауми. Од болницата каде беше прегледуван соопштија дека бил видно потресен од трагедијата. Сега, тој е на домашно лекување.
Обвинителството ги побара и снимките од надзорните камери, кои се околу пет на раскрсницата. Тие ќе помогнат да се утврди, што точно се случило вчера по 19 часот. Телото на Викторија е дадено на обдукција, по што ќе биде предадено на семејството. Кај возачот кој ја усмрти, направено е вештачење на примероци од урина и крв, од кои неофицијално, утврдено е дека нема траги на алкохол или дроги.
Возачот се гони за кривично дело тешки дела против безбедноста во сообраќајот, со смртни последици. Минималната казна според Кривичниот законик е четири години затворска казна.