Економско-енергетскиот совет донел одлука дека на 15-ти почнува грејната сезона во Скопје и парно ќе има, бидејќи е отпочната постапка за издавање на лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар. Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски, по што побара институциите да дадат зелено светло за ЕСМ да работи со топланите. Над 70.000 компании со промет до 2 милиони евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија, со помала цена од берзанската.
„Преговорите со АДОРА и ЕСМ се одвиваат. ЕСМ ќе го преземе затоплувањето на Градот Скопје. Врз основа на Законот за енергетика, топланите ќе бидат ставени во функција. Државата ќе ги земе под закуп“, кажа Ковачевски.
Дополнително, на регулиран пазар ќе бидат основните и средни училишта, без разлика што тие се под ингеренции на општините. Во јавните здравствени установи ќе има струја по поволна цена, помала од берзанската.
„Заврши времето на изобилие со електрична енергија. Сега е време за штедење за да имаме електрична енергија. Сакам да укажам на Собранието и пратениците од сите партии да се одважиме и обединиме за граѓаните, па пред седницата да се изгласаат финансиските средствата од ЕБРД за справување со енергетската криза по поволна каматна стапка, измените на Законот за нафта и нафтени деривати. Ова не е време за политички поени, туку разум. Ова е прв сет мерки. Се грижиме за ранливите категории граѓани, за кои ќе има дополнителен сет на мерки“, кажа Ковачевски.
Тој упати апел за штедење на струја. Според него, заштедените пари ќе го подобрат квалитетот на животот.