Општина Охрид потрошила 18 илјади евра за јадење и пиење последнава година по доаѓањето на Јован Стојаноски на функцијата градоначалник.
Според фактурите што ги има „Макфакс“, се јадело и се пиело само во шест ресторани, најмногу во хотелите „Милениум“, „Нова ривиера“ и ресторанот „Острово“. Просекот е дека дневно се трошеле по 50 евра, а еден ручек или вечера изнесувал над 350 евра.
Од потрошените 18.000 евра за една година за јадење и пиење Општина Охрид ни испрати фискални сметки само за третина од потрошеното – односно за 6 илјади евра.
Од сметките се гледа дека во една пригода со делагации од збратимените градови се испиле 44 ракии, 24 пива, 34 вина, 10 уза и коњаци… Во друга пригода, само за риби и рибни специјалитети се потрошиле речиси 600 евра.
Коктелот за патронот на Охрид е платен над 1.600 евра, ручекот со членови на делегации од збратимени градови 1.000 евра, за оброците на пејачот Сергеј Ќетковиќ, кој настапуваше во Охрид, платени се речиси 400 евра, а плаќани се пари и за гоштевањето на претставници од Охридската архепископија, кои јаделе комати, ѓомлезе, пастрмка, а испиле и 5 вина, пива и ракии. Но, ова е само дел од фактурите. За преостанатите не добивме одговор кој сè се гоштевал во охридските ресторани.
Сите фактури се одобрени за плаќање од градоначалникот Стојаноски. Тој вели дека Охрид е центар за манифестации и дека постојано доаѓаат гости. Градоначалникот во телефонска изјава уверува дека ниту една сметка не е направена за негова лична потреба или за потреба на вработените во Општината.
Сметката на Општина Охрид е под постојана блокада од 2005 година поради неисплатени долгови.
По објавите за луксузното трошење на претходната власт по кафеани, СДСМ жестоко реагира – се донесе правилник за трошењата во министерствата, но не и за општините.
На совеста на секој градоначалник е оставено дали ќе се луксузира со скапи вина и специјалитети или, пак, поскромно ќе ги троши општинските пари, особено во време кога општините се соочуваат со милионски долгови и блокирани сметки.
Мери Јордановска, Кристијан Ландов