ВИДЕО: Во недела #протестирам пред Влада и во два и во шест

Од:

Пред Собранието на Република Македонија на денешниот граѓански протест се одржа отворен пленум на кој граѓаните кои секој ден протестираат во шест можеа да го кажат своето мислење дали неформалното движење #протестирам треба да се приклучи на собирот што го организира опозицијата во недела под платформата „Граѓани за Македонија“.

Кај граѓаните кои спонтано се собираат, преовладува ставот дека имаат исти барања како опозиционата коалиција и поради тоа дека треба да учествуваат на собирот пред Влада во 14.00 часот.

Сепак некои од нив имаа став дека движењето #протестирам треба да остане автентично и дека треба да продолжи да го одржува континуитетот на „секој ден во шест“.

Граѓаните кои учествуваа на пленумот на крај се сложија дека во недела треба да се излезе пред Влада и во два саатот и во шест.

– Во недела треба да се приклучиме кон „Граѓаните за Македонија“, а од понеделник да продолжиме секој ден во шест. Ми се чини дека само идеолошки причини можат да не спречат да протестираме во недела од два, но кога се работи за повисока цел, идологијата мора да се стави на страна – рече еден од граѓаните.

– Сметам дека треба секој ден во шест затоа што #протестирам е платформа составена од повеќе здруженија и пленуми кои ја размрдаа Македонија, така да остане граѓанска, а да не се мешаме со партии – реплицираше друг.

– Ако по нешто станавме препознатливи, тоа е дека протестираме секој ден во шест, треба да останеме на тоа. Зошто партиите не ни се приклучат на нас во шест во недела.

– Од овие протести извлековме поука дека заедно сме посилни и затоа треба да се приклучиме на 17-ти, но секој ден во шест да остане наш белег и со тоа треба да продолжиме без оглед што ќе се случува после 17-ти – порача граѓанин.

Според некои мислења искажани на пленумот граѓанското движење не треба да се приклонува кон собирот на 17-ти, но граѓаните сепак можат по свој избор да бидат пред Влада во недела во два. Некои од граѓаните, пак, кои зедоа збор на отворениот парламент пред државниот, рекоа дека имаат идентични барања како и надпартиската коалиција која ја формираше опозицијата.

Граѓаните кои протестираат секој ден бараат оставки од Владата, ослободување на притворените демонстранти и демократизација на институциите.

– Две од овие точки се поклопуваат со барањата на сенародниот протести во недела и затоа треба да се приклучиме во 14.00 часот – рече еден од говорниците.

– Собирите секој ден во шест треба да продолжат се додека не падне Владата. Но нашите барања се поклопуваат со протестот што ќе се одржи во недела затоа јас во недела во 14.00 ќе бидам пред Владата да побарам да падне оваа нелегитимна Влада. Секој ден во шест пак ќе продолжиме се додека не се падне оваа ненародна власт – порача еден од присутните.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Потпишување анекс на Колективниот договор веднаш по формирањето на новата влада, бараат здравствените работници

Орце Костов

Протест за измени на законот за заедничко старателство по развод

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Граѓаните бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики

Бугарија: Земјоделците организираа протест пред зградата на Владата барајќи оставка од ресорниот министер