Политичката состојба во која се наоѓа државата е тесно поврзана со избирачкиот список, дали треба да се инсистира на брзо на негово брзо прочистување, кои проблеми можат да произлезат од тоа, дали е возможно Македонија да добие кредибилен избирачки список за само неколку месеци, каков е квалитетот на базите на податоци, дали ДИК ќе биде соодветно екипирана со времените вработувања, беа темите на денешната дебата „Каков избирачки список ѝ е потребен на Македонија?“, во организација на НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми.
Вчера ДИК излезе со податок дека се уште се работи на валидизација и стандардизација на податоците од различните бази на податоци добиени од разни институции. Станува збор за над 100 податоци, со над 1 милион податоци за секој граѓанин.
– Станува збор за огромно количеството на податоци кои треба да се подредат, па потоа да се вкрстуваат. 5 март, или некој ден подоцна ќе биде денот кога граѓаните ќе имаат право да ги проверат своите податоци, ако не се во ред да го поправат тоа со барање до месните канцеларии на ДИК. Но во членот 50 е прецизно наведено кој може да влијае враз содржината на избирачкиот список во периодот на јавен увид, тоа се граѓаните и политичките партии, никаде не пишува дека институција како МВР или самата ДИК може да го побара тоа, рече Дарко Алексов од МОСТ.
Според него, никој не може однапред да каже колкава ќе биде бројката на сомнителни гласачи.
– Ние може да имаме 10 000 барања од страна на членовите на ДИК да се проверат службените белешки за секој од тие 10 000 гласачи, можат да бидат 100 или 500, но тој обем никој не може да го претпостави, рече Алексов.
Кога ќе дојдат сите податоци во ДИК ќе има големи разлики.
– Во Македонија пропадна пописот во 2011, а пописот е поврзан со избирачкиот список, заради споредливоста на податоците. Чудо невидено ми е како, според изјавата на премиерот, како ДИК би го направила тоа за 3 дена – нонсенс. Тоа е невозможно, од аспект на тоа дали сите институции во РМ од кои се бара споредливост ги следат по исти критериуми, по исти стандарди. И сега кога ќе се споредиме, кога ќе дојдат податоците во ДИК, ќе видите дека разликите ќе бидат многу големи. Ќе има апсурди, во Скопје се претпоставува дека ќе има преку 100 илјади гласачи кои ќе се најдат на ист куќен број во кој има над 15, 20 или над 30 избирачи да живеат на иста адреса. Тоа се аномалиите што ги има во избрачкиот список, рече Дончо Герасимовски.
Во Македонија, во моментот се водат 30 случаи со јасни индиции за криминално манипулирање со избирачкиот процес и со избирачкиот список.
Џабир Дерала изнесе податоци до кои дојдоа набљудувачите на Цивил, во текот на минатите локални и парламентарни избори.
– Излеговме со над 50 случаи со сведоштва на граѓани. СЈО во својата работа за кратко време ги потврди нашите извештаи, анализи и препораки. Во нашите извештаи имавме човек на кој од џеб му испаднаа 5 лични карти, имавме случај кога еден човек гласаше за 30 луѓе во исто време. Имаме случај кој открива дека на гласачкото место доаѓа лице со лажна лична карта и гласа, наспроти тоа што избирачкиот одбор повикува полиција, полицаецот на лице место таму пресудува дека тоа лице има право да гласа и дека потоа може да се преземат одредени мерки. Доаѓаме до сведоштва и докази дека луѓе гласале со двојни и тројни лични карти и по гласањето доаѓа човек и ги пали. Манипулацијата со изборниот процес е секојдневна, а една од главните алатки за манипулирање е токму избирачкиот список. Тој е лавиринт од најразлични грешки кои не се наивни туку се направени со план и со строга математика, рече Дерала.
Филип Стојановски од Фондација Метаморфозис, рече дека за проект за интероперабилност помеѓу институциите, кој требало да биде завршен до мај 2015 година, владата на ВМРО – ДПМНЕ имала 2 милиони евра.
Според Бојан Маричиќ од МЦЕО, технички е изводливо да се направи посигурен избирачки список и тоа треба да биде системско решение кое ќе трае подолго од 2016 година. Услов за тоа е целосната независнот на ДИК.
Истражувањето „Каков попис и избирачки список и се потребни на Македонија?“, било спроведено во ноември минатата година.
– Сите наши соговорници во истражувањето беа неподелени во размислувањето дека ќе можеше подобро и поедноставно да се прочисти избирачкиот список доколку имавме попис на населението. Според поранешниот премиер Никола Груевски, попис во Македонија може многу лесно и едноставно да се спроведе со некакв софтвер, електронски попис комбиниран со некакво теренско истражување, но она што покажа нашето истражување и од она што покажува актуелната состојба со базите на податоци што постојат во државните институции, покажува дека таков попис е далеку од реалноста во Македонија, рече Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.
Настанот се реализира во рамките на проектот „Демографија – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).
A.Б.