Оркестар од девет лица кои биле во Австрија, а се од Битола, велат дека се единствените кои се сместени во карантинот во касарната на Криволак.
Тие за „А1он“ сведочат дека не биле единствените кои влегле на македонска територија, но се единствените кои се во групниот карантин. Менан Дарабука, член на бендот вели дека одбиваат да останат на Криволак и се жалат на лошите услови. Тој достави и видео, на кој се гледа како изгледа касарната во која се сместени и искоментира: „Рекоа 200 души, а сме само 9, се е лага“.
„Перниците не се перени 20 години. Овде ќе фатиме болест. Инфекции има. Како ќе спиеме овде во карантин? Ние ќе се замрзнеме, ќе се испоразболиме од ова! Овде од здрави ќе станеме болни. Четири дена, ниту сме капени, ништо и овде сега да седиме, каде нема услови за туширање. Бараме да одиме во домашен карантин“, велат во видеото членовите на бендот.
Тие тврдат дека се тестирани неколку пати претходно, но велат дека не е проблем да бидат тестирани и повторно, но одбиваат да останат во касарната.
„Ние сакаме да не прегледаат и ако немаме ништо, здрави, цел оркестар, сакаме да не пуштат. Сакаме преглед и поради нашата фамилија, ние имаме деца, ама во овие услови не се седи. Премногу е гнасно овде“, вели Дарабука.
Според нив, комбиња кои поминувале преку граница, со повеќе лица, биле пуштани дома, а само нив ги задржале.
„Сите ги пуштаа дома, само нас, 9 души не донесоа тука. Што е ова?“, прашуваат тие.
Цел оркестар вели дека можат да седат на една адреса, во домашни услови, но нема да дозволат да останат во групниот карантин.
„Помогнете, сакаме дома, не можеме тука“, велат тие во видеото.