Повторно сме измамени, изманипулирани и излажани од страна на градоначалникот, Аце Коцевски, вели Ангел Димов од ВМРО-ДПМНЕ од Велес.
„Повторно велешани се соочуваат со црното владеење на градоначалникот, повторно ќе ја почувствуваат неговата незаинтересираност за потребите на велешани. Имено, наместо градоначалникот да се бори за подобрување на условите во кои живееме сите ние во Велес, тој напротив заедно со неговото советничко мнозинство предводено од СДСМ, носат одлуки на штета на граѓаните и на штета на нивниот домашен буџет.
На ден 24.09.2018 година од страна на Управниот одбор на ЈКП „Дервен“–Велес, беше донесена одлука за утврдување на нова цена на водата за пиење за граѓаните на општина Велес за периодот од 2018-2020 година, која што беше доставена до градоначалникот. Оваа одлука беше ставена на дневен ред на 21-вата седница на Советот на Општина Велес, но беше симнато од дневен ред од страна на мнозинството.
За истата по втор пат да биде доставена до Советот на Општина Велес на 22-та седница, која се одржа на 02.11.2018 година, по која членовите на Советот на Општина Велес се изјаснија, и од вкупно 20 присутни, 10 гласа „за“, 7 гласа „против“, двајца од присутните советници се изземаа од гласањето по точката заради конфликт на интереси поради близок член од семејството кој е вработен во ЈКП „Дервен“ и тоа членовите на советот Бесим Ахмедов и Весна Стојановска Богоевска , а еден член на советот не се изјасни по точката“, изјави Димов.
Ова решение на Советот на општина Велес, додава Димов било доставено од претседателот на Советот до градоначалникот за објавување во службено гласило, но истиот донел решение за запирање од објавување на решението за давање согласност на одлуката за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈКП „Дервен“-Велес за период од 2018-2020 година, поради начинот на изјаснување на членовите на Советот по материјалот од точката, односно, како што изјави Димов, бидејќи го немало потребното мнозинство, од присутните во салата.
„Советот на општина Велес на својата одржана 23-та седница на 15.11.2018 година ја рагледа оваа одлука и донесе заклучок за усвојување на решението донесено од градоначлникот за запирање од објавување на решението за давање согласност на одлуката за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈКП „Дервен“-Велес за период од 2018-2020 година. Меѓутоа на следната седница одржана на 26.11.2018 година, одлуката беше повторно ставена како точка од дневниот ред, за повторно изјаснување. Овој пат од 21 присутни во салата одлуката беше донесена со 11 гласови „за“ и 10 „против“. Изземање на советниците кои досега се изземаа од гласање немаше“, додаде Димов во својата изјава.
Со поименично гласање се изјаснија и гласаа „за“ членовите на Советот кои една година наназад се изземаа од гласање заради конфликт на интереси, вели Димов и додава дека тие се изјасниле „за“ дури и по истата одлука и тоа вели тој, го направија баш на одлука која беше на штета на граѓаните со покачување на цената на водата за пиење.
„Спротивно и без никаков срам и морал Аце Коцевски, истиот кој во својата изборна кампања ветуваше намалување на цената на водата за пиење сега ја носи оваа одлука заедно со своето советничко мнозинство“, додава Димов.