По четири години утре во судница ќе се соочат очи в очи градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски во својство на оштетен и екс премиерот Никола Груевски како обвинето лице. СЈО отвори случај и даде шанса да се реши случајот „шамари за Жерновски“ и демолирање на општина Центар.
Во бомбата која ја обелодени СДСМ, се слуша како што рекоа, како Груевски бара да се подготви сценарио во кое тукушто избраниот градоначалник Андреј Жерновски ќе добие неколку шлаканици в лице:
„Подготви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме… Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три – четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот, н.з), нема тешка телесна повреда тука за кривична, има само за прекршочна“, вели во прислушуваните разговори гласот, за кој Заев рече дека е на тогашниот премиер Никола Груевски.
По ова следуваше нарачан протест пред општината, организиран од дотогаш непознатата граѓанската иницијатива „Веритас“, под образложение дека градоначалникот на Центар сака да ја запре изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“, што од страна на Жерновски беше неколкупати демантирано.
Протестите беа насилни, се рушеше оградата, се маваше со камења и во опасност беа доведени во прашање животите на Жерновски, советниците, медиумите, општинската администрација, но и на неколкумина амбасадори кои дојдоа да се уверат сами што се случува во општината.
Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски неколку пати се обраќаше до тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, барајќи да ги открие насилниците кои учествуваа во нападите врз општинската зграда во јуни 2013. година.
„Недозволиво е 15 месеци да не се откријат насилници фатени на камера. Уште повеќе што наводната НВО ‘Веритас‘, која тогаш се јави како организатор на протестите, воопшто не е регистрирана како невладина организација“, напиша тогаш Жерновски во писмото.
Тој бараше одговорност за нарачателите и сторителите. Сепак, иако дел од нив беа фотографирани со неа и со Груевски, односно беа и делегати на Конвенцијата за избор на Ѓорге Иванов за претседателски кандидат на ВМРО- ДПМНЕ, до денес истите не се идентификувани и санкционирани.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, и директно му се обрати на премиерот.
„Никола, по овој разговор можам да ти се обраќам само на ‘ти’. Ти си обичен насилник кој ја срами премиерската функција. Тие не работиш 24/7, туку шеташ во комбе и бараш плацови за тебе и за фамилијата. Пресуден е шамарот што ќе го добиеш ти од граѓаните на Центар и на Република Македонија. Твојот сон беше да се одвоиш од граѓаните преку потпорен ѕид 6-7 метри на Водно. Ќе се одвоиш од нив, но не преку ѕид, туку преку решетки“, рече Жерновски.