Финансиската полиција го уапси М.Р. од Скопје осомничен дека организатор на криминална група специјализирана за финансиски криминал тежок 372.000 евра.
Според Финансиската полиција, М.Р. во периодот 2012-2013 година организирал мрежа од повеќе фирми кои добиле различни улоги во криманалот за незаконски поврат на ДДВ од буџетот на Република Македонија.
– Во бизнисот со ДДВ директно биле вклучени фирмите Херонија Плус ДООЕЛ управувана од братот на првопријавениот, Калијани ДООЕЛ управувана од Д.Џ. и Металопластика-Груп ДООЕЛ управувана од С.Д., сите од Скопје. Преку овие фирми уапсениот М.Р. со помош на лица кои добро биле запознаени со системот за поврат на ДДВ успеал да украде од државниот Буџет сума од 372.000 евра, се наведува во соопштението.
Кривичното дело е сторено на начин што првопријавениот преку управителите на фирмите кои биле под директна негова команда, до належните служби за поврат на ДДВ во текот на 2012 и 2013 година доставил фалсификувани ДДВ пријави со наводно побарување за поврат на повеќе уплатено ДДВ. Така фирмата Херонија Плус ДООЕЛ управувана од неговиот брат инкасирала вкупно 132.000 евра, фирмата Калијани ДООЕЛ управувана од Д.Џ., инаку познат скопски престапник инкасирала вкупно 112.000 евра и фирмата Металопластика-Груп ДООЕЛ управувана од С.Д. инкасирала вкупно 128.000 евра.
Откако парите од државниот Буџет биле префрлени на банкарските сметки на овие три фирми, првопријавениот М.Р. со цел да ја сокрие трагата на парите и колку што е можно да ја затскрие целата криминална операција, се додава, дал насока на управителите кои биле под негова команда дел од парите да ги извадат во кеш и да му ги дадат нему лично додека другиот дел бил трансфериран кон фирмите Маки Ком Груп и АСП АСО, кои исто така се контролирани од групата и од каде понатаму се извадени во кеш.
За добро завршената работа, организаторот на бизнисот со поврат на ДДВ првопријавениот М.Р. на сите други инволвирани лица им исплатил помала сума пари заради благодарност за успешно завршената работа, а остатокот од пленот го задржал за себе и го користел за свои лични потреби.
Судија на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд на М.Р. му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, а на С.Д. му е одземена патната исправа и ќе се брани од слобода. Трите лица кои се уште се недостапни за органите на прогонот ќе се бараат со соодветни потерници.