(ВИДЕО) Тивко убиство на штитениците во Демир Капија

Од:

Штитениците во специјалната установа Демир Капија живеат во мизерни услови, со влага и мувла по ѕидовите и без шкафчиња, констатираше Хелсиншкиот комитет за човекови права.

– Ќебињата се стари и истрошени, на повеќе кревети немаше перници, а во дел од собите може да се забележат и мачки скитници кои лежеа на креветите на штитениците. Тоалетите исто така не ги задоволуваат стандардите, беа стари и оштетени и немаа основни средства за одржување на хигиената, рече извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.

Хелсиншкиот комитет алармира дека плочките во сите тоалети не се исчистени подолго време, во лавабоата и кадите забележале мувла и нечистотија и фекалии на поголемиот дел од WC школките.

– Особено загрижува наодот, проверен во Книгата за смртни случаи. Од она што го видовме, можеме да заклучиме дека станува збор за установа убиец. Според книгата, од 1993 година до 5 февруари 2016 година, во Специјалниот завод починале 375 лица. Поголемиот дел од смртните случаи се резултат на белодробни заболувања кај штитениците. Најголемиот дел од оние кои починале од белодробни заболувања се неподвижни штитеници со длабока интелектуална попреченост кои се сместени во блокот Б2 каде што се подложени на постојан провев, рече Пировска.

Во моментов во Специјалниот завод Демир Капија се сместени 227 штитеници, меѓу кои нема малолетни лица, а вработени се 153 лица од кои 70 негователи, 18 медицински сестри, 4 дефектолози и 1 социјален работник, а останатите 60 вработени се дел од администрацијата или технички персонал.

– Впечатливо е тоа што во Специјалната установа се уште нема постојано вработен општ доктор, нешто што беше констатирано и во Извештајот од посетата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија на специјалните установи и психијатриските болници во Македонија за периодот 2011-2012 година. Исто така, Специјалната установа нема вработено ниту стоматолог, истакна Пировска.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

Притворен маж од Демир Капија, сопругата го пријавила за физички напад

Изгасени пожарите кај Неготино и Демир Капија – гасеа и авион на ДЗС и хеликоптер на МВР

А1он

Маж загина на кров од вагон кај Демир Капија

Од утре изменет сообраќаен режим на делницата Демир Капија – Неготино поради градежни активности

Утре целосно затворен автопатот А1 кај клучката Демир Капија

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска