ВИДЕО: Тендерот за идејно решение за новата градска болница ги налути архитектите, Филипче ги повикува на дискусија

Од:

Тендерот што го распиша Министерството за здравство на кој се бара идејно решение за нова градска болница на местото на Мајчин дом во Аеродром, ги налути архитектите. Тие сметаат дека наградите од 5.000, 2.000 и 1.000 евра за трите најдобри решенија се понижувачки и го обезвреднуваат трудот на архитектите. Пресметале дека за 12 денари по квадратен метар треба да проектираат објект со намена болница, а забелешки имаат и за дадениот рок од 35 дена во кој треба да го подготват решението.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) во петокот електронски испратила допис до Министерството за здравство во кој бараат продолжување на рокот и зголемување на наградниот фонд, а вчера дописот го доставиле и на хартија. Се уште немаат одговор од Министерството.

Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за „Макфакс“ вели дека е подготвен да ги слушне барањата на архитектите.

„Спремни сме за дискусија. Ние го распишавме огласот заедно со луѓе кои што членуваа во нашата мини работна група кои се членови на здружението на архитекти. Финансиските можности ни се ограничени, не располагаме со неограничени средства, така да спремни сме да разговараме апсолутно“, рече министерот Филипче.

Претседателот на ААМ, Мартин Пановски смета дека требаат измени не само во овој тендер туку и законски за да се вреднува трудот на архитектите.

„Не може на ист начин да се бара вреќа компири и архитектонско решение. Ова е можеби и побезболен начин за архитектите оти ако се оди на јавна лицитација уште повеќе може да падне цената оти се пријавуваат не архитекти туку градежници и фирми кои немаат врска со архитектура и ја намалуваат цената, а критериумот најчесто е најниска цена. За овој објект конкретно, нормален износ за прва награда би требало да биде околу 10.000 евра, а рокот место 35 дена треба да биде два месеци, поради сериозноста на зафатот“, вели Пановски.

Новата градска болница треба да се гради на местото на Мајчин дом во Аеродром, за кој се планира уривање. Болницата ќе биде петкатница, односно ќе има приземје и четири ката со вкупна површина од 18.640 квадратни метри. Во тендерот стои дека архитектите треба да предвидат сместување за 240 пациенти и простор за работа на 280 медицински лица, 110 лица технички персонал и 30 лица кои ќе работат администрација.

Во нејзе ќе се пресели персоналот од сегашната болница „Св. Наум Охридски“ сместена во центарот на градот во близина на Собранието на Република Македонија. Сегашниот објект пак се размислува да се продаде како деловен простор.

„Тоа е само една од опциите. Се разгледува како вредно земјите што може да го инвестираме како сума на пари кога тоа би се издало или продало за изградба на новата болница. Старата градска болница треба да функционира до моментот додека новата биде спремна да ги преземе сите пациенти кои ќе бидат таму третирани. Тоа е планот и така ќе направиме, а се друго во однос на сегашната градска болница ќе дојде после тоа “, вели министерот Филипче.

Иако во оваа фаза е тешко да се каже, министерот очекува новата болница да биде комплетирана за две до три години.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

A1on

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска