Институциите не беа доволно јасни и транспарентни во спроведувањето на акцијата „Пуч“ поради што во јавноста остануваат многу неодговорени прашања, сметаат претставници од невладиниот сектор кои денеска побараа од институции да се ангажираат околу утврдување на одговорноста за прислушуваните разговори што ги објави опозиционата СДСМ, како и околу нивната содржина.
Невладините организации, здружени во Платформа за борба против корупцијата, бараат надлежните институции да покренат постапки за наводите во снимените разговори, но и да утврдат кои ги снимал разговорите и со тоа ја нарушил приватноста на граѓаните.
Иако Јавното обвинителство води постапка за изворот на прислушувањето каде е обвинет и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, експертите велат дека институциите се недоволно транспарентни и за сега јавноста нема доволно информации.
Поранешната прва антикорупционерка, Слаѓана Тасева, сега претседател на „Транспаренси Интернешнл“, вели дека нема доволно податоци за прислушувањето да се поврзе со аферата „Пуч“.
– Она што се случува во Јавното обвинителство, постапката која е поведена и насловена како „Пуч“, е нешто што немаме сознанија дека е поврзано со овие прислушувања кои ги слушаме. Никој не ја потврди поврзаноста, никој не ни кажа дека се истите работи. Сметаме дека треба да се утврди кои ги правел овие прислушувања со кои се загрозени човековите права на конкретни граѓани. Институциите не беа доволно агилни и транспарентни да ни објаснат што работат. Бараме да се произнесат кој ги снимал, како се снимале разговорите и да се произнесат за постапките кои ќе ги поведат по однос на содржината – вели Тасева.
Мирјана Иванова Бојаџиевска, од Коалција за правични судења, вели дека целта на Платформата е да се заштитат правата на граѓаните и јавноста да биде информирана за постапките на надлежните институции, за да не остане се на претпоставки.
– Информациите кои ги имаме се оние кои ги има секој граѓанин. Свесни сме дека тие прислушувања влегоа многу длабоко во интимата и во нарушувањето на приватноста на граѓаните и сето тоа создава несигурност кај луѓето. Немаме сознанија дали „Пуч“-от е во било каква врска со прислушувањата. Затоа, за да нема разноликост во информациите дека некои се во фаза на осомничени, а некои веќе осудени, наша цел е да знаеме што каде и колку се рушат правата на граѓаните – рече таа.
Маја Васева