Откако министерот за образование Абдилаким Адеми изјави дека и покрај одлагањето на неодамна донесените законски измени и покрај отворањето дебата со академската заедница од понеделник, Владата нема да отстапи од построги критериуми за професорите и дека нема да се повлече од контролни механизми за проверка на знаењата на студентите, Студентскиот пленум дополнително се мобилизираше.
Својата реакција Пленумците ја изнесоа во синоќешното издание на „360 степени“ на Алсат-М ТВ.
За нив настапот на Адеми е во најмала рака контрадикторен.
„На почетокот сакам да кажам дека министерот Адеми со овaа изјава е контрадикторен со тоа што самиот го изјавува, бидејќи вели дека нема да се смени ништо радикално во овој текст, а во другата реченица вели дека сме отворени да ги прифатиме предлозите што ќе ни дојдат од студентите и професорите. Тој самиот е контрадикторен со оваа изјава. Еднаш вели дека нема да прифатат, а подоцна вели ќе ги прифатиме нивните предлози. Сега министерот Адеми зборува за дебата, односно сега бара дебата со нас, истиот тој министер кој бегаше од нас, како да сме ние криминалци, значи на Педагошкиот факултет каде се одвиваше првата дебата за Законот за високо образование, а потоа ни ги затвори вратите во Министерството за образование и не ни дозволи да влеземе за и ние да бидеме дел од таа дебата. Сега истиот министер бара дебата со нас“, вели во „360 степени“ Љуми Бекири од Студентскиот пленум.