(ВИДЕО) Стефоска со повик за спас на Охридскиот регион: Тапијата е во наши раце само на чување, а Охрид не е забавен парк

Од:

Со повик за заштита на охридскиот регион, министерката за култура Ирена Стефоска се обрати до присутните во Античкиот театар на отворањето од “Охридско лето”. Стефоска порача дека во Охрид треба да се доаѓа со респект, бидејќи градот не е забавен парк.

“Шеесет и една година од првиот акорд во величествената Света Софија до шеесет и една година вечерва во грандиозниот Антички театар – минато вредно за длабок поклон.Охридско лето одамна е престижен настан. Охридско лето ја надмина фестивалската улога. Охридско лето стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост. Пандемијата која што го занеме светот, не го занеме нашето Охридско лето. Поставено на здрави темели, градено со љубов и негувано со почит – тоа не само што трае туку и ни го дава најдоброто од себе. Тоа е уметноста – лечителка на душата.Ниту Охрид без Охридско лето, ниту Охридско лето без Охрид. Магијата е взаемна како што е магичен и целиот регион.Затоа, замолувам и повикувам – доаѓајте со респект во Охрид. Охрид не е забавен парк. Посетете ја питомата Струга. Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца. Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и напојте го погледот со убавина. Галичица не е само уште една планина.Охридското езеро е редок дар, а не базен. Охридско-струшкото крајбрежје e мир, а не бетонскирај.Регионот е волшебство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме – не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест. Во таа задача, ние како Влада, можеби навидум одиме бавно,тоа е факт. Како што е факт и дека не сопираме. Како што не сопира ниту нашето Охридско лето. Зашто летата во Охрид почнуваат и завршуваат со „Охридско лето“. Сè пред тоа, и сè потоа, е само лето”, рече Стефоска на отворањето.

Годинава, фестивалот “Охридско лето” свечено е отворен со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ во изведба на уметниците од Националната опера и Балет. „Гoлемиот Чајковски“ е сочинет од најубавите дела на рускиот композитор, со изведби на делови на балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“. Повеќе од 90 балетски првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, што се носители на проектот веќе ги одржаа генералните проби на Античкиот театар.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор