Да им порачаме на Митко Чавков, Ѓорге Иванов и на Николае Груеску, колку повеќе не снимате или сликате, толку помалку ви се криеме. Колку повеќе апсите и се заканувате, толку сме похрабри и посилни. Додека вие не снимате и не пребројувате, ние тука ви ги одбројуваме последните денови до вашиот крај. Вашиот крај доаѓа и бегање од тоа нема. А до тогаш, секој ден во 6 бидејќи додека нема правда нема мир, рече пред илјадниците демонстранти Стефан Богоев.
Според него, Триумфалната капија треба да остане шарена, за да ги потсетува идните политички елити на Шарената револуција.
– Да може Груевски да го види ова што јас во моментов го гледам, да може да го слушне Груевски ова што јас од овде во моментов го слушам, да може да го почувствува Груевски ова што во моментов јас меѓу вас го чувствувам, ве уверувам и ве убедувам, веднаш ќе си ги спакува парталите и сам ќе се пријави таму каде што им е местото на мафијашите и на криминалците, рече Богоев.
Тој кажа дека Шарената револуција е најдобриот одговор на режимското сивило кое што владее 10 години во Македонија, како и дека оваа Шарена револуција, иако никој досега не е свесен, ќе ја паметат до крајот на животот и ќе биде една од најбитните работи во животите на граѓаните
– Оваа наша Шарена револуција ќе ја направи промената во нашето општество и држава. Јас и мојата генерација не сакаме повеќе да живееме во држава во која студентите живеат со лебарки и жаби во студентските домови. Јас и мојата генерација не сакаме повеќе со нашите браќа и сестри, дечковци и девојки, братучеди и братучедки да се гледаме преку скајп и фејсбук додека тие мака мачат да заработат на крузерите на грчките острови, во Малта или на Врк енд травел во Америка. Јас и мојата генерација сакаме да живееме во слободна и демократска република Македонија, во која законот и уставот важат подеднакво за сите, рече Богоев.