Втор ден средношколците ја бојкотираат наставата. Тие доаѓаат на училиште и седат во холовите, а Средношколскиот пленум организира алтернативни предавања.
Учениците велат дека и тие и нивните родители се изложени на притисоци за да се прекине протестот.
– На некои ученици им се закануваат дека ако не посетуваат настава ќе следи бркање од училиште, ќе следат парични казни за нивните родители, неоправдани изостаноци и слични закани. Тие закани доаѓаат од директорката, вели Ивана Вучиќ од Средношколски пленум
Учениците од скопската гимназија „Јосип Броз“ велат дека и наставниците се поделени во односот кон нив
– Имаме пријави од соученици дека наставници им вршат притисоци преку изостаноци и слично, шират дезинформации и манипулираат со учениците, тоа се некои одредени професори, не сите, сепак има еден дел кои не’ поддржува во нашата кауза, вели Ѓорѓи од Средношколскиот пленум.
Од средношколскиот пленум велат дека се надеваат на средба со МОН за да ги пренесат своите барања на министерот, пред да им напишат 25 неоправдани изостаноци што може да биде услов за бркање од училиште.
– Ние не бегаме од часови, тука сме присутни во училиштето имаме активности, велат матурнатите.
Тие кажуваат дека вчера во повеќе средни училишта се свикани родителски состаноци, на кои на родителите им се објаснувало дека учениците ја бојкотираат наставата и дека за 25 неоправдани изостаноци, ќе платат казна од 2.000 евра.
А.Б.