(ВИДЕО) Спасовски: Современа полиција во демократски систем е гарант за сигурноста на сите граѓани

Од:

Голема е честа, но и   одговорноста,  да се говори  пред вас. Од оваа говорница денес ќе чуете поинакво обраќање  од она што досега сте го слушале. Нема да Ви одржам обичен, стандарден говор, полн со многу зборови кои ништо не кажуваат, со вообичаени флоскули и веќе чуени пораки. Нема да Ви ги  споменувам ни уставот ни законите, рече Оливер Спасовски. 

Tие мора да се почитуваат, а не само да се споменуваат.  Ова не се обични времиња, ова не се обични предизвици и не е ниту време ниту место за вообичаени обраќања. Ќе ви зборувам искрено, како човек, како Ваш пријател, Ваш сограѓанин што заедно со вас го дели и  доброто и злото во оваа наша држава и на крајот ќе Ви зборувам  како Ваш министер.

Вие најдобро знаете, дека да се биде припадник на полициските сили никогаш не е лесна задача. Полесните задачи,  биле за некои други луѓе, за некои други професии.  Оваа професија  бара многу сериозност, одговорност, подготвеност и пожртвуваност.
Денес, како никогаш до сега  Вие сте под огромен притисок. Секој ден одпочеток да избирате  помеѓу одговорноста и прагматичноста, помеѓу достоинството и егзистенцијата, помеѓу храброста и исплатливоста. Секојдневно повторно од почеток, да докажувате дека полицаецот е човек кој зад униформата не  ја крие  својата човечност, зад штитот не ја крие  својата  правичност, а зад шлемот не го крие разумот.

Потполно сум  свесен колку Ви се тешки овие времиња, и колку болат праведните одлуки. Сите знаеме дека без праведни одлуки, нема добар полицаец. Добар полицаец не значи само физички јак,  одлично обучен и совршено опремен професионалец. Тоа не е доволно. Добар полицаец значи и совесен човек, добар сопруг, грижлив татко, почитуван комшија и пред се општествено одговорен граѓанин. Нашиот народ полицаецот, често сака да го гледа како херој,како миротворец и  спасител. Тоа може да ви создава притисок, да бидете што поблиску до тој стереотип, ама Вие и навистина многу често ги исполнувате нивните очекувања. Затоа сум многу горд што најголем дел  од Вас ја оправдаа довербата што ја имав во Вас  кога влегов во министерскиот кабинет.

Затоа, сакам да Ви признаам дека за мене лично е голема чест денес да бидам на чело на една  таква институција како што е Министерството за внатрешни работи, која е не е само стожер на безбедноста на едно општество, туку е и  дом на храбри, чесни и искрени професионалци.

Задоволството ми е уште поголемо што ја имам приликата да Ви го честитам 7 Мај денот на македонската полиција. Уште повеќе што денес е двоен празник. Прославуваме и 35 годишен јубилеј од формирањето на единицата за специјални задачи. Овој  ден  сега двојно не обврзува да бидеме крајно отворени и искрени, работите да ги нарекуваме со вистинското име зошто само така ќе ги најдеме и вистинските одговори за предизвиците пред кои сме исправени.

Македонската полиција денес, како никогаш порано, се наоѓа пред историскиот предизвик,  чија што единствена цел е – изградба на институција што во секој поглед ќе биде безбедносен гарант, сервис на сите граѓани на Република Македонија.

Притоа не станува збор само за реализација на еден модерен концепт, својствен на западните демократии, туку повеќе од тоа, станува збор за концепт којшто ќе треба да ја позиционира институцијата во едни нови, демократски системски рамки на заштитник на безбедноста и сигурноста на сите наши граѓани и  гарант за владеењето на правото во нашата држава.
Ова што сега го кажувам најмалку е политика. Тоа е реалност, што е од  суштинско значење за македонското општество. И не е  ни тешко ни неизводливо, Само треба чесност, искреност професионалност, и храброст. Станува тешко и неизводливо само ако недостасува било што од погоре наброеното.

Во изминативе месеци се уверив дека во министерството за внатрешни работи има многу квалитетни, стручни и чесни професионалци, многу добри луѓе. Како што всушност ги имало одсекогаш во генерациите што оставиле неизбришлива трага во развојот на македонската полиција, во децениите зад нас. Има и  многу, многу храбри луѓе, спремни силно да се спротистават на неправдата, гласно да кажат НЕ на секој кој се обидува да ги манипулира и користи како  статисти во туѓи сценарија.

Предизвиците пред кои сме исправени и Вие и јас не се мали. Предизвиците не се мали, ама и  ние не сме ни наивни, ни неспремни. Актуелните домашни состојби, како и регионалните и глобални настани и трендови, го позиционираат и Министерството за внатрешни работи и секој од нас поединечно,  неуморно да работи на обезбедувањето на стабилност и сигурност во државата и општата безбедност на граѓаните.

Почитувани колеги, вашата спремност да се спротиставите на притисоците, да работите чесно, професионално преставува и лична, порака до мене. Јас знам дека сте исправени пред многу предизвици, непријатни ситуации, дилеми и конфузии, што ги создаваат оние кои најмалку тоа треба да го прават. Исто така знам дека има и многу отворени и нерешени парашања во врска со условите во кои работите, во врска со наградувањето и напредувањето кое вас ве исцрпува и ви одзема дел од енергијата. Длабоко сум уверен дека ние заедно  ќе можеме да најдеме одговори  за многу досега нерешени прашања. Кога би  ја немал таквата увереност, не би ни стоел денес пред вас.

Сите ние  сме обврзани, во име на  нашите поранешни колеги кои своите професионални кариери и личен интегритет ги вградија во Министерството за внатрешни работи. Уште поголем е нашиот долг кон семејствата на нашите колеги кои, своите животи ги  вградија во Министертвото за внатрешни работи.

На крајот првенствено  заради нив, имаме обврска  да го чуваме  мирот и спокојот на нивните, но и на нашите деца и  да продолжиме да ја градиме безбедноста и иднината на сите граѓани во оваа држава. Така ќе му покажеме  на светот, на нашите пријатели, ЕУ и САД, дека  сме кредибилен пријател и партнер во иднината што заедно ќе ја  споделуваме.

Дозволете ми на крајот уште еднаш на сите вас припадници на Министерството за внатрешни работи да ги ви го честитам Денот на македонската полиција, и 35 годишниот јубилеј на припадниците на единицата за специјални задачи, и да Ви порачам, не заборавајте дека – луѓето што стојат на оваа говорница се менуваат ама довербата на граѓаните на оваа држава во сината униформа што ја носите е нешто што се гради макотрпно со генерации и трае многу подолго од еден министерски мандат.
Да живее Македонската полиција,
Да живее Република Македонија,

Би можело да ве интересира

МВР: Неготинец нападнал малолетник во сендвичарница, исчезнал болен маж од Кавадарци

Горан Наумовски

(ВИДЕО) 12 граѓани ги фотографирале гласачките ливчиња, шест пријави за нудење на поткуп – Министерот Тошковски за изборниот ден

Анита Петровска Рајковиќ

МВР: Нови случаи на фотографирање и кинење на гласачко ливче

Горан Наумовски

МВР: Петмина гласачи си ги фотографирале гласачките ливчиња

Горан Наумовски

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Лични документи можат да се подигнат и в среда на денот на изборите

Анита Петровска Рајковиќ