(ВИДЕО) Спасовски на 7 Мај: Полицијата е херојот на нашето време

Од:

Денеска со пригодна свеченост на сцената на Долни Сарај во Охрид, во присуство на претставници на Владата, Собранието, раководството на ИНТЕРПОЛ, министри за внатрешни работи и директори на полиции од регионот, дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа и верските заедници, раководството на Министерството за внатрешни работи и бројни пријатели и гости се одржа централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција – 7 Мај.

Министерот за внатрешни работи во своето поздравно обраќање пред присутните, честитајќи го празникот на полицијата, се осврна на важноста и благородноста на полициската професија, поради која полициските службеници претставуваат херои на нашето време, секојдневно ризикувајќи ги своите своите животи за да ја заштитат заедницата и да го направат светот подобро место за живеење.

„Секој ден, во секој град низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична, би рекол благородна работа, надвор од комфорот на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата. Во жестока пресметка со криминалот, спречувајќи ги кризите брзо и целосно, без чекање и двоумење. За жал, некои од нив, борејќи се за безбедноста на граѓаните и државата, ја дадоа и најскапоцената жртва – своите животи, поради што на овој ден со неизмерна почит се потсетуваме на нив и на нивната храброст, како вечна инспирација за сите нас!“, истакна министерот Спасовски притоа додавајќи дека да се биде полицаец, да се биде припадник на Министерството за внатрешни работи – претставува посебна чест и огромна одговорност.

Министерот Спасовски осврнувајќи се на изминатите шест години во кои тој со својот тим е на чело на МВР, потенцираше дека министерството се етаблираше како институција во која работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против хибридните закани и тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните, за чија ефикасност покажуваат конкретните резултати во борбата со криминалот.

„Со задоволство можам да констатирам дека минатата година ја завршивме со 6% намалување на вкупниот криминалитет, а откривачката функција на кривичните дела од организиран криминал бележи зголемување од 40%. Дури 70% е зголемувањето на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за над 30% имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Запленивме над 2,4 тони дрога, како и 20 тони најразлични прекурсори, сузбиени се 15 криминални групи, од кои дури 12 делувале во областа на недозволената трговија со дрога. Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти на марихуана, кокаин и хероин. Како резултат на ова, во рок од шест месеци спроведовме две големи уништувања на дрога, со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци.“, потенцираше министерот некои од минатогодишните бројки и статистики на ефикасноста на македонската полиција.

Спасовски и за првите четири месеци од оваа година истакна дека вкупниот крминалитет е намален за 12,6% во однос на истиот период лани, во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментот се постапува по 244 криминалистички истражувања.

„Бележиме најдобри резултати во последните 30 години, благодарение на кои Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. Тоа се наши заеднички резултати!“, потенцираше министерот Спасовски притоа истакнувајќи дека полицијата покажа дека може и мора да остане доследна на задачата за бескомпромисно чување на законот, на редот и мирот и, секако, на безбедноста на сите наши граѓани и целата држава.

Би можело да ве интересира

Пронашле граната, ја однеле во полициска станица во Берово

(ВИДЕО) Агитирање и летоци – нема посериозни инциденти за изборите

Анита Петровска Рајковиќ

Поткуп со бонови за бензин, агитирање, закани по телефон за време на предизборниот молк

Катерина Ѓуровски

Одбележан Денот на македонската полиција

Киднапиран, избоден и претепан скопјанец – еден од напаѓачите полицаец

Пронајдено детето што беше пријавено за исчезнато во Сарај

А1он