(ВИДЕО) Советниците од опозицијата бараат да не се гради „Рајскиот парк“, Коневски тврди дека не може да се направи пренамена на парите

Од:

Советниците од опозицијата во Општина Аеродром на денешната седница побараа наместо да се гради „Рајски парк“ во Ново Лисиче, парите да бидат искористени за приоритетни објекти за кои ќе одлучат граѓаните во транспарентна постапка, но според градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, ЕЛЕМ е инвеститор во целокупниот проект, што значи дека не станува збор за отстапување на финансиски средства и затоа парите не може да бидат пренасочени за други проекти.

Советничката Даниела Николова го обвини Ивица Коневски дека не мисли на жителите на општината, туку на партијата и на бизнис интересите. Таа вели дека не верува дека граѓаните многу сакаат да имаат ваков парк во време кога децата им одат на училиште во три смени.

– Кога човек ќе помисли дека максимумот е постигнат со одредено лудило или со одредена идеја, секогаш можете да не изненадите со нешто плус и искрено ни на крај на памет не ми доаѓаше дека во паркот во кој што ќе има животинчиња ќе има и барок. Така откако во Центар никна се и сешто, сега како голем капитален проект, тоа ќе се наметнува и во Општина Аеродром, рече советникот Марко Данилоски.

Советниците од опозицијата го потсетија Коневски дека проектот за изградба на овој парк не е идеја на ЕЛЕМ и дека истиот бил во неговата програма во 2013 година, но поради тоа што Општината немала доволно средства, тој ја одложил изградбата за во друг период.

– Овој проект беше во изборната програма, а во однос на барокот што го дискутирате толку многу, се работи за зеленило, за езеро и за неколку плоштади на кои што ќе бидат поставени фонтаните, каде што ќе има шеталиште за посетителите, а ако некому смета што е фонтаната изградена во некој си стил, тогаш мислам дека не е некој суштински проект, а како што кажав предмалку, средствата не се од буџетот на Општината за да може буџетот да ги утврдува приоритетите, рече Коневски.

Според планот на ЕЛЕМ, „Рајскиот парк“ ќе има две езера, едно со површина од 17.000 квадратни метри, кое се планира да биде пловно и да се изнајмуваат педалини, и едно мало езеро со површина од 3.400 метри квадратни. Во така наречениот „Рајски парк“ предвидено е да има и мајмуни, пауни, фазани, елени и пони, како и патека за јавање коњи. Општината на почетокот изјави дека изградбата на паркот е поделена на два дела, еден дел на Општина Аеродром и на Град Скопје, а другиот дел на Владата преку акционерското друштво ЕЛЕМ, за сега како единствен инвеститор да се јави АД ЕЛЕМ.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

„На дрзок и безобразен СДСМ продолжува да ја лаже и манипулира јавноста“, се вели во реакција на Општина Аеродром

Заслугата за новото училиште и новата градинка е на Градоначалникот Муцунски и пратениците од ВМРО ДПМНЕ реагираат од Општина Аеродром

Левица: Муцунски ги извиси спортските клубови во Општина Аеродром

Општина Аеродром: Коалицијата СДСМ и Арсовска продолжува да шири лаги и дезинформации

Муцунски: Преку континуирани инвестиции во нова опрема обезбедуваме подобри услови за учениците во Аеродром

Муцунски: Со силна заложба и континуирани инфраструктурни инвестиции до поубава и помодерна општина Аеродром