ВИДЕО: Сообраќајната голгота во Бутел ќе трае уште оваа недела, „Христијан Тодоровски Карпош“ прооден од викендов, најави Шилегов

Од:

По пет месеци блокада, претстојниот викенд градските власти очекуваат да биде пуштен во употреба новоизградениот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел за да се намали огромниот метеж што се создава на кружниот тек во оваа населба. На жителите од овој дел на Скопје им требаат и по 40 минути да го минат само кружниот тек оти тој е единствената врска на градот со Бутел 1, Радишани и околните места. Целосно затворени за сообраќај се алтернативните улици Цетинкса и новоизградениот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош поради премостување на електрични и водоводни инсталации. Вината за одолговлекување на работите, градоначалникот Петре Шилегов посочува дека е кај претходното раководство на Градот.

„Потегот Христијан Тодоровски Карпош – Цетинска, којшто претставува повеќемесечен проблем за граѓаните на општина Бутел и населените места околу, вклучително и населба Радишани, е потег што го наследивме со проблеми бидејќи при проектирањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош ниту било проектирано решение за влез на улица Цетинска ниту е проектирана улицата Боца Иванова, ниту биле проектирани водоводната ниту електричната инсталација коишто проаѓаат во тој потег кај подвозникот на Христијан Тодоровски Карпош. Градот Скопје во меѓувреме ги изработи сите тие проекти, напоменувам дека доколку не го премостивме водоснабдувањето на соодветен начин, тој дел од градот ќе останеше без вода за пиење, од една страна, од друга страна таму поминуваат два 35-волтни кабли од коишто се снабдува половина Скопје со електрична енергија и ние моравме тоа да го сработиме со внимание. За жал, тоа не беше претходно проектирано. Тие работи се завршени во текот на викендот, а денеска граѓаните можат да забележат дека се одвива асфалтирање на Христијан Тодоровски Карпош. Очекувам дека тоа ќе биде завршено наредните денови и викендов ќе можеме и официјално да го пуштиме во употреба“, вели градоначалникот Шилегов.

Од март годинава на жителите од овој дел на Скопје им требаат и по 40 минути да го минат само кружниот тек

Градоначалникот Шилегов во март годинава, кога ја затвори улицата Цетинска и со тоа го отцепи Бутел од останатиот дел од Скопје, најави дека градежните работи ќе завршат најдоцна до 15 април, но не го одржа зборот и ги остави граѓаните на 35 степени безмалку по цел час да одвојуваат за да го поминат кружниот тек. Сега вели дека сочувствувал со нив и дека не е в ред чекањето на кружен тек.

„За жал не е, се согласувам, имам целосно разбирање за граѓаните од тој дел на Скопје. Да, не е в ред, за жал, додека се изведуваат градежни работи секогаш е отежнато и покомплицирано движењето на граѓаните. Оваа голгота ќе заврши за неколку дена. Таа голгота е и за мене како што е и за граѓаните, меѓутоа некој друг нè внесе во овој, да го наречам, циркус “, вели за „Макфакс“ градоначалникот Шилегов.

Во исто време со пуштањето во употреба на новиот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош, градоначалникот Шилегов најави дека ќе почне и втората фаза од пробивањето на овој булевар, од улицата Натанаил Кучевишки до обиколницата, а екипите на ЈП „Улици и патишта“ работат на обезбедување бајпас преку кој улицата Цетинска ќе се поврзе со булеварот оти сега меѓу нив има висинска разлика од три метри и улицата завршува слепо.

Изведувач и на втората фаза ќе биде „Пелагонија АД Гостивар“ . Првата фаза го чинеше Градот 2,6 милиони евра, а втората фаза, според договорот со градежната компанија, ќе чини 2, 040 милиони евра. Булеварот треба целосно да биде изграден и да се поврзе со обиколницата за 18 месеци.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Пожар во скопската населба Бутел 1, се запали кровна конструкција на барака

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината