Јакнење на капацитетите во делот на надворешните граници преку мапирање на мерките за прифаќање на шенгенското законодавство и изменување и дополнување на законската рамка и јакнење на човечките капацитети е целта на твининг проектот ИПА 2016 „Усогласување на националите системи со барањат на ЕУ и Шенген за гранично управување“.
Во Центарот за обука Идризово денеска во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорите на Словачка и Словенија, Хенрик Маркуш и Милан Јазбец и официјално беше означено реализирањето на проектот, кој почна во февруари оваа година.
Проектот е финансиран од средствата на ИПА во износ од еден милион евра, а ќе се спроведува во период од 24 месеци.
-МВР и останатите институции задолжени за спроведување на законот во наредниот период ќе треба да преземат серија сложени прилагодувања, чија крајна цел е успешно прифаќање на европските стандарди во сите области. Исполнувањето на европските стандарди во областа на Поглавјето 24 е наша стратешка определба, рече Спасовски на означувањето на почетокот на проектот, кој потсети дека во ова Поглавје се содржани и прашањето на надворешните граници.
Напомена дека воведувањето на шенген стандардите е долгорочен процес, кој подразбира соодветни материјални човечки и административни предуслови.
-Исполнувањето на шенгенските стандарди е сложен процес, за кој ќе биде потребен подолг временски период за негова реализација. Одличен пример за тоа е искуството на Бугарија и Романија, кои иако од 2007 година се држави членки наа ЕУ се уште работат на предусловите за пристапување кон Шенгенскиот договор. Искуствата на државите кои последни се приклучува кон ЕУ покажуваат дека активностите за етаблирање на соодветните стандарди и ресурси почнуваат повеќе години пред официјалното пристапување кон ЕУ, рече Спасовски.
Проектот се спроведува во соработка со конзорциум од Словачка и Словенија, а амбасадорите на двете држави во Северна Македонија изразија задоволство што се вклучени во овој процес и нагласија оти ќе продолжат да ја поддржуваат земјава во нејзиното интегрирање во Унијата.
-Ова е една симболика. Мали земји како Словачка и Словенија и помагаат на Северна Македонија да се приклучи на големото семејство на ЕУ, изјави словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш.
Нагласи дека имплементацијата на Шенгенот е сериозен процес и долгорочен напор и бара посветеност и вклучување на голем број човечки ресурси.
-Ве осигурувам дека Словачка и Словенија секогаш ќе ви бидат во служба и поддршка. Нема да бидете сами во спроведувањето и верувам дека вашата земја ќе биде подготвена за Шенгенот и дека брзо ќе се приклучите на Шенген зоната, порача тој.
Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец се надоврза дека овој процес е мошне важен и додаде дека преку граничното управување се покажува како треба да соработува во насока на спроведувањето на стандардите на ЕУ.
-Тешко дека може да се најдат три послични и посинергиски поврзани земји од нашите и од таа позиција мило ми е што ова се случува. Ова е добар пример што ќе може да послужи за дури слични проекти, додаде тој.
Јазбец нагласи дека процесот на преговарање со ЕУ е важен, но додаде дека колку повеќе една земја ќе направи пред почнување на тој процес, толку ќе биде поподготвена за побрзо интегрирање.
Проектот предвидува развивање две компоменти. Прво развивање патоказ за усвојување на законодавството поврзано со Шенген, наградување на легислативата во областа на интегрираното гранично управување и развивање на шенгенскиот акциски план и второ зајакнување на административните и техничките капацитети во областа на интегрираното гранично управување. Краен корисник е Одделот за гранични работи и миграции при Бирото за јавна безбедност.