До пред неколку години беше незамисливо да се види развеано знаме со боите на виножитото по улиците на Скопје, да се разговара со две девојки кои раскажуваат каде и како се запознале, низ што сè поминале како љубовна двојка и како сега планираат да се венчаат во Шведска. Беше незамисливо да се каже „јас сум геј и тоа е ок“.
Денеска тоа се случи во Скопје и можеби парадата беше првиот чекор, но, како што рече Тамара Тодевска на сцената, пеејќи ја „Proud“, се покажа дека гордо и достоинствено луѓето можат да ја изразат својата сексуалност, без срам, а останатите можат да пружат поддршка и да го прифатат фактот дека „љубовта е љубов“.
„Веруваме во општество кое е еднакво, кое дава шанса за секој еден, ЛГБТИ заедницата постои и таа е тука помеѓу нас и сите ние заедно ако не си го признаеме тоа и ако не си го покажеме вака видливо, губиме голем потенцијал во државата, а тоа нема да го дозволиме. Ќе се бориме се до моментот додека секој од нас не може слободно да љуби и тоа јавно да го покаже“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешниот настан.
Иако парадата помина во најдобар ред и се виде чекор напред во развојот на свеста во овој поглед, отпорот беше неизбежен, а тука беше и стравот дека можат да се случат непредвидени работи. Зад Собранието имаше полициски оклопни возила подготвени да се справат со евентуални нереди. На влезот во „Жена парк“ од каде што почнуваше парадата, детално се претресуваа торбите на учесниците, забрането беше внесување на остри предмети, а секој учесник беше обележан со алка на раката.
Од околните згради од прозорците ѕиркаа љубопитни погледи, некои од нив извикуваа „уаа“, или ги превртуваа рацете во смисла „вие сите сте луди“, а социјалните мрежи вриеја од негативни коментари каде на учесниците на парадата им се посакуваа најгрди нешта, од варење во казан до фрлање бомба.
Но, сето ова, сепак, остана во далечина, а тоа е голем чекор напред во општеството во кое до пред извесно време беше срам да се изговори зборот „лезбејка“. Сепак, јасно беше дека ваквиот судир меѓу двата света сè уште е присутен и дека битката за ЛГБТ заедницата ќе биде долготрајна.
Кочо Андоновски од организацискиот одбор од ЛГБТ, рече дека парадата на гордоста е резултат на претходните години кога „транс луѓето беа жртви на најгрозоморни напади, кога им се загрозуваше правото на здравје, на живот и на образование“.
„Ние сме тука затоа што тој говор на омраза не е адресиран, нуту е казнет и се уште не е разрешено насилството врз ЛГБТ центарот. Денес сме тука заради сите вас, заради вашата одважност што дојдовте тука. Никој не е слободен додека сите не се ослободат“, рече Андоновски.
Вчера, пред почетокот на парадата тој изјави дека очекуваат на парадата да дојдат околу 200, а најмногу 500 луѓе, но бројката на учесници ги надмина очекувањата, со што се покажа дека поддршката и солидарноста се станати поголеми од омразата и дека низ улиците чекорат слободоумни луѓе, подготвени да ги прифатат различностите.
Маршот практично се совпадна со 50-годишнината од демонстрациите во Њујорк познати како „Бунтот од Стоунвол” кои започнаа на 28-ми јуни 1969 година, што иницираше почеток на движења за правата на ЛГБТ-заедниците ширум светот.
Педесет години подоцна сè уште трае битката против дискриминацијата, говорот на омраза, неприфаќањето, нападите, маргинализацијата и обесправувањето на различни групи луѓе. Сепак, станува повеќе од јасно дека никој повеќе не ќе може да си зема право да одредува како ќе живеат другите.