И покрај законската обврска граѓаните да носат маски на отворен простор, еден дел скопјани се противат на мерката и пред камерата на „А1он“ изјавија дека нема да носат маска на улица и по цена да платат казна. Не е важно, велат, што секојдневно расте бројката на новозаболени, за нив оваа мерка е нелогично и штетно решение и нема да ја почитуваат. Велат, вирусот не лебдел во воздухот и не можел да се пренесе на улица.
„Против сум и мислам дека не треба да се носат маски на отворено. Мене лично ме загушува и мислам дека носењето маска на улица и нон сенс. Како зошто? Ако има социјална дистанца и ако си сам надвор, како можеш да се заразиш. Вурусот не лебди во воздух па да долета и да ме зарази, ако си на 100 метри растојание од некого, вирусот ќе дотрча до тебе, не ми е прифатливо.“
„Не ја примам оваа информација и воопшто немам намера да носам маска на отворени површини. Нема потреба од тоа. Носење маска на отворено е тотална глупост.“
„Ние сме стари, ни се замаглуваат очилата, не е практично и затоа гледаме на отворено да ја избегнуваме маската. Стари сме, со замаглени очила, ќе акнеме некаде, но тоа ни е“, вака зборуваа дел од анкетираните скопјани во анкетата на „ А1он“.
Камерата на „А1он“ на скопските улици забележа дека најголем дел од граѓаните денеска сепак беа со маски на лицето, иако имаше исклучоци, при што некои ги носеа на рака или под брадата.
„Кога сум меѓу луѓе носам маска, кога сум на отворено не. Не сум запознаен со тоа дека од денеска треба задолжително, не сум слушнал за новиот закон.“
„Сакале или не мораме да носиме, здравјето е на прво место, што ќе биде понатаму само Господ знае.“
„Се навикнавме, затоа што сè е навика, еве по толку носење како да не носам ништо. Работам на клиника, па носам и по две маски, за мене не е неприфатливо носењето маска,“ велат граѓаните.
Неносењето маска на отворен простор е прекршок и оние кои ќе бидат затечени без маска на улица ќе платат казна од 20 евра.