Студентскиот марш утре на пладне тргнува од пред платото на УКИМ кон републичкото собранието и ќе заврши пред Владата на РМ. Студентите имаат веќе изработено црвени кругови кои ќе ги носат со цел да ја олеснат работата и да ги етикетираат. Повикуваат на мирен марш, без насилство и без провокации.
– Повикуваме на мирен марш и повикуваме секој да биде мирен, да нема никакви партиски и национални симболи, зашто нашата цел е надпартиска и наднационална, рече Ана Кнежевиќ од Студентскиот пленум.
На прашањето дека неколку стyденти вчера се појавија на националните телевизии и беа против протестите, таа кажа дека не ги познава, но и дека секој има право на свое мислење.
– Очекуваме масовност, а очекуваме да се приклучат и средношколците зашто оваа мерка нив најмногу ги засега, вели Ана Кнежевиќ од Студентскиот пленум.
Студентите посочија дека има силни притисоци да не се оди на протестот најмногу по студентските домови, а притисоците се вршат и врз цели семејства кои имаат некаква привилегија од власта.
Сето ова рекоа дека ќе го обелоденат по протестот, а на ставот на премиерот дека сега многу помалку студенти ќе дадат поддршка на барањето против државниот испит, тие го повикаа да излезе утре и да види во колкав број ќе се појават.
– Ова движење е надпартиско и единствената книшка е нашиот индекс. Да нема никакви партиски симболи, во спротивно тоа ќе го сфатиме како провокација. Ние се оградуваме од сите партиски активности, рече Филип Манев од Студентскиот пленум.
Тој рече дека се подготвени во секое време да се отвори дебата со министерот.
– Меѓутоа ние не сме контактирани и не се бара нашиот глас за овие промени, сепак остануваме секогаш отворени за разговор, рече Манев.
Според студентите доколку помине предлогот на влада за државен испит, ќе продолжи и борбата. Поврзувањето со СДСМ и со ФООМ според Манев е само обид да се намали влијанието на студентите.
– Оваа иницијатива е чисто студентска, без разлика кој на каква партија, етнос или религија припаѓа. Апсолутно со тоа што не поврзуваат власта со СДСМ и Сорос сакаат да го намалат нашето влијание, рече Филип Манев од Студентскиот пленум.