Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на документи добиени од свиркачи, денеска обелодени дека синот на Али Ахмети, Шкумбин Ахмети, заедно со двајцата внуци Дрин и Бесијан Ахмети влегуваат во бизнис за изградба на фотоволтаична централа од 60 мегават-часови која ќе биде во јавно-приватно партнерство со државата.
За изградба на центаралата која ќе ја градат во реонот на Кичево, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети се обратиле во банка, велејќи дека им е потребна финансиска конструкција од 35 милиони евра.
Во анализата на банката во која фирмите на Ахмети имаат сметки, а на која се повикува ВМРО-ДПМНЕ, било наведено дека Шкумбин, Дрин и Бесијан ја информирале банката за направена физибилити студија за фотоволтаичната централа, а дека за нејзината изградба веќе добиле дозвола од надлежните владини органи и дека чекаат лиценца од Министерството за транспорт и врски.
Сепак, велат од опозициската партија, Ахмети не приложиле документи со кои може да го потврдат тоа.
„Од анализата на банката може да заклучиме дека синот на Али Ахмети, Шкумбин, заедно со неговите братучеди Дрин и Бесијан или ја лажеле банката дека прават крупен бизнис или откриле дека тие веќе имаат устен договор со врвот на власта, во овој случај премиерот Димитар Ковачевски, кој е потписник на јавно-приватно партнерство дека државата ќе влезе во бизнис со семејството Ахмети за изградба на 60 мегават-часовна фотоволтаична централа. Ако семејството Ахмети не ја лажело банката, а не доставило документи дека има одобренија од надлежните владини органи за фотоволтаичната централа, дали тогаш истите имаат устен договор со низа функционери дека ќе ги добијат потребните договори“, рече пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на денешната прес-конференција.
Разговорите со македонската банка кои ги воделе Шкумбин, Дрин и Бесијан, според ВМРО-ДПМНЕ, не можеле да бидат направени без знаење на Али Ахмети.
„Дали Ахмети стои зад изнесените информации на неговиот син и внуци во банката, каде што кажале дека им требаат 35 милиони евра финансиска конструкција за да бидат партнери со државата во изградба на фотоволтаична централа? Истовремено го прашуваме и Ковачевски дали тој разговарал со Шкумбин, Дрин и Бесијан дека ќе потпише како премиер договор за ЈПП со нивната фирма ‘Хелиос’ и ќе градат фотоволтаична централа или можеби тоа го разговарал со Али Ахмети или Артан Груби?“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија најавија дека во наредниот период во јавноста ќе изнесуваат уште информации за бизнисите на, како што велат, кланот од Зајас.