ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги заборавија економијата и европските интеграции и повторно удрија жестоко на националната карта со надеж дека така ќе соберат гласови.
На нивните митинзи, паралелено се загреваат националистичките страсти со наметнување на темата за федерализација, очигледно по договор-ДУИ сега извикува УЧК, бара двојазичност, промена на Уставот.
ВМРО-ДПМНЕ пак обвинува дека Зоран Заев сака федерализација и дека сака да ја подели државата со извртување на неговите тези. Секако ВМРО-ДПМНЕ се пропагира како бранител од барањата на нивниот долгогодишен коалиционен партнер.
Според полтичкиот аналитичар Петар Арсовски, кога се соочуваат со избори во висока политичка тензија и им се загрозени основните позиции, партиите се враќаат во својата зона на конфорт.
– Затоа и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај ДУИ тоа означува враќање на некакви национални реторики, на некаков национален наратив и мислам дека во таа смисла треба да се толкува нивната сегашна реторика. Никоаш таа реторика нема врска со реалноста. Таа не е поврзана на некаква реална закана или за некаква реална политичка понуда, туку е повеќе наратив кој треба да донесе повеќе гласови, вели Арсовски за А1он.
Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат многу добра соработка и по националните прашања, но сега е веќе друга реторика во која тие ќе глумат непријатели во кампањата. Заев на митингот во скопската населба Аеродром обвини дека планот за живот во Македонија го плаши Груевски. Рече, федерализацијата е само во главата на квазинационалистите.
– Груевски ја измисли федерализацијата. Целата кампања ја темели на фикс идеја за некаква федерализација затоа што тој нема план, нема што да им понуди на граѓаните што ги ограби. Каков иден премиер, каква федерализација, какви бакрачи. Груевски е единствениот кој мисли и зборува за федерализација, рече Заев.
Додека Никола Груевски целата одговорност за двојазничност ја префрла на опозицијата, се чини дека заборава оти на 16.07.2011 година Собранието по скратена постапка ги изгласа измените во Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија и во единиците на локална самоуправа по предлогот од ДУИ. За измените гласаа 58 пратеници, а против беа 27.
Измените предвидуваат дека мајчин јазик различен од македонскиот може да зборуваат и министрите и други назначени функционери, ако јазикот го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, промена на законот со која се прави ревидирање на Охридскиот договор. Со ова, почнува да се реализира договорот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за проширување на Охридскиот рамковен договор, односно поставување двојазничност во целата држава.
Минатиот месец и Викиликс објави документ, во кој пишува дека Груевски во 2007 година му ветил на лидерот на ДПА, Али Ахмети дека ако коалицира со него, ќе предложи во Собранието закон со кои ќе се овозможат социјални пакети за борците од ОНА кои учествуваа во конфликтот во Македонија 2001-та година како и закон за употреба на албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија и се разбира, сето тоа да биде тргнато од очите на јавноста, со цел тој во очите на јавноста да остане патриот.
Во 2011 година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по претходен предлог на Груевски и Ахмети изгласаа амнестија на Хашките случаи, иако Груевски во кампањата во 2006 година на сите митинзи викаше дека Хашките случаи ќе се судат во Македонија и нема да има никаква амнестија. Во владеењето на Груевски и автобусите на ЈСП имаат двојазнчни ознаки, а неодамна и Македонски пошти на сите корисници им испратија соопштенија на македонски и албански јазик. Борбеноста на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за зачувување на македонскиот јазик запреа кога таблите од училиштата во Чаир-завршија во корпа за отпадоци. После многу силење на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги вратат симнатите табли на македонски јазик, останаа до денеска албанските ознаки на училиштата.
Александар Тодески