Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека Македонија не треба да има премногу очекувања од јунскиот самит, затоа што така може да има и разочарување, но исто така, посочува, никогаш не велете не.
„Земете го секој прогрес којшто ќе го постигнете. На минатиот самит заклучоците беа позитивни и охрабрувачки за Македонија и јас лично многу се надевам дека самитот на ЕУ најмалку што ќе даде е добра позитивна и охрабрувачка порака за Македонија“, изјави Штајнакер.
Амбасадорката посочува дека им било драго за постигнувањето на мартовскиот договор бидејќи станувало збор за длабока политичка криза.
„Ние жалиме што имплементацијата на договорот траеше толку време. Но во Германија имаме една изрека „Сè е добро кога добро ќе се заврши“. Штотуку ја добив пораката дека конечно двете страни во овој конфликт се договориле за Комисијата (што треба да ги истражи настаните од 24 декември) и јас сум оптимист дека анкетната комисија ќе почне со работа, а тоа е добар сигнал за јунскиот самит“, вели амбасадорката.
Германија останува на ставот дека прашањето за името е билатерално прашање меѓу Грција и , како што вели, вашата земја, и дека двете страни треба да го решат проблемот.
Штајнакер е загрижена за слободата на медиумите во Македонија.
„Тоа што јас го видов во разговор со многу новинари е дека има присуство на некаков вид на страв, можеби тоа е пресилен збор, но повторно и повторно има новинарски текстови за различни видови притисок и тоа не е добар знак. И мислам дека, а сигурна сум дека владата е свесна за тоа, дека ова треба да се реши многу сериозно.
– Позитивно гледам на дијалогот којшто стартуваше за новиот закон за медиуми и дека министерот Ивановски потврди пред ЕУ-амбасадорите дека забелешките од Советот на Европа и ОБСЕ ќе бидат земени предвид и спротивно, она што можеше да се прочита во медиумите, двете забелешки не се различни, тоа не е точно.
– Тие не се различни, суштината на коментарите на Советот на Европа и ОБСЕ се многу слични и имам впечаток и се надевам дека тој впечаток е точен оти не само министерот Ивановски, туку и другите институции на владино ниво кои се инволвирани го сфатиле ова многу сериозно и гледаат дека намалувањето на медиумските слободи, било тоа да се реални или да се работи за чувство од претставниците на медиумите и новинарите, дека тоа е сериозно прашање.
– Кога ќе почнат преговорите за влез во Унијата ова прашање ќе биде еден од приоритетите. И повторно да кажам дека од германска страна, ние поддржавме два проекти, едниот е за Македонскиот институт за медиуми минатата години и ние сме волни да ја продолжиме соработката со новинари и медиумски институции во иднина“, изјави Штајнакер.
Во врска со протестите во скопската општина Центар, Штајнакер, вели:
„Морам да кажам дека на почетокот бев малку збунета, патував за време на викендот и се информирав на интернет. Една работа се изборите, а друга се протестите. Мислам дека протестите не се против самиот градоначалник, затоа што тој е избран. Јас учествував во набљудувањето во третиот круг на изборите, беа забележани нерегуларности и ова се прашања кои ќе ги покренат ОДИХР/ОБСЕ за следните избори, но прашањето за протестот не е против градоначалникот.
– Мислам дека протестот најверојатно беше против некои одлуки и тоа е нешто што јас не го разбирам во врска со овие демонстрации, бидејќи според моите информации и она што го гледам, морам да признаам се информирам претежно од интернет, и забележувам дека протестираат против нешто што воопшто не е ставено под знак прашалник, и тогаш се прашувам кој го организира тоа, кој е позади тие демонстрации. Јас би сакала да знам, јас не знам, јас не сум инспектор, но мислам, јас сум загрижена за тоа што се случува таму, зошто овие луѓе протестираат против нешто што не е ни под прашање.
– И тие не можат да ги одговорат овие прашања, барем тоа го видов на интернет. Јас сум малку загрижена бидејќи имам впечаток дека има манипулација во позадина на ова, но „што, како и кој“, јас не знам, но тоа оди веќе далеку, новинари се лично напаѓани, уништен е имот и мислам дека тогаш властите, надлежните власти, а тоа е Министерството за внатрешни работи и полицијата треба да реагираат адекватно и да истражат што точно се случува.“, вели Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер во неделното интервју на Радио Слободна Европа